Во трагедијата во Хонг Конг бројот на жртви се искачи на 83, полицијата открива можна причина за пожарот

Три лица од градежната компанија „Престиж констракшн енд инжинеринг“ – двајца директори и еден консултант – се уапсени под сомнение за „тешка небрежност“.

Најмалку 83 лица загинаа, а повеќе од 250 се водат како исчезнати во катастрофалниот пожар што го зафати станбениот комплекс Ванг Фук Корт во областа Таи По во Хонг Конг. Пожарникарите сè уште се борат низ густиот чад и екстремната топлина за да стигнат до заробените жители на повисоките катови.

Службениците соопштија дека 76 лица се повредени, вклучувајќи 11 пожарникари, што го прави ова најлошиот пожар во Хонг Конг во последните децении.

Полицијата вели дека неисправните скелиња и запаливите материјали, вклучувајќи пластична заштитна мрежа и пена што се користи на прозорците, овозможиле пожарот брзо да се прошири.

Три лица од градежната компанија „Престиж констракшн енд инжинеринг“ – двајца директори и еден консултант – се уапсени под сомнение за „тешка небрежност“.

Според првите наоди, пожарот се проширил по должината на бамбусовото скеле, а ситуацијата била влошена од силниот ветер. Властите ги пребарале просториите на градежната компанија и заплениле документи.

Комплексот, во кој живеат околу 4.800 луѓе, бил во процес на реновирање од 330 милиони хонгконшки долари. Жителите останаа без покрив над главата, а повеќе од 900 луѓе се засолниле во привремени засолништа.

Трагедијата предизвика споредби со пожарот во кулата Гренфел во Лондон во 2017 година, каде што загинаа 72 лица. Сличностите лежат во можната употреба на запаливи материјали и пропустите во надзорот на градежните работи.

Локалните власти отворија засолништа за итни случаи, а помошта и потрагата по исчезнатите продолжуваат без прекин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни