Работната група за преименување улици кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со бројка во рамки на Општина Тетово денеска ја одржа третата дебата. Дебатата почна со читање на сите 1033 имиња кои граѓаните ги предложиле праќајќи ги по електронски пат, до архивата на општината или ги соопштија на првите две дебати.
Дебатата продолжи со објаснување на критериумите по кои едно име може да се користи како назив за улица во Тетово. Во овој дел од дебатата, мала група на граѓани водеше расправа меѓу себе како и со претставниците на Работната група, дали може улица да се именува само по живи луѓе или само по починати лица. Дел од расправата беше дали треба да се користат само имиња на луѓе поврзани со Тетово или да има и улични називи по луѓе од други градови и држави, меѓународни именувања и слично.
За учество во дебатата се јавија само луѓе кои зборуваат албански јазик и евидентно беше тоа дека нема присутни Македонци и претставници на други народи кои живеат во Тетово. Во салата имаше десетина учесници кои се јавија за збор, претседателот на Работната група, Арѓенд Велиу оцени дека била успешна.
„Јавната расправа денес според мене беше успешна, земајќи предвид фактот дека присуството на граѓаните било големо, што подразбира дека граѓаните навистина имаат интерес за овој процес и според ова го оценувам како одлична дебата“, рече Велиу.
Тој посочи дека освен Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, во определувањето ќе се земат предвид и три критериуми.
„Личноста не треба да биде меѓу живите, што значи треба да е починат човек, кој има одредена релевантност и придонес во општеството, како втор критериум. Имаше предлози што немаат биографија, само име и презиме значи, не може ние бараме биографија, што значи автоматски, тие ќе се тргнат. Согласно овие три критериуми за 50 отсто се намалува можноста за користење на имињата кои се предложени од вкупниот број околу 1 040 предлози, што подразбира дека ќе останат 500-600 предлози“, рече Арѓенд Велиу.
Според информацијата на Велиу, во Тетово постојат вкупно 297 улици од кои имиња имаат 81.
„Целта е на овие улици што се водат само со бројка прво тие да се средат па после овие 81. Таму каде што ќе ве видиме дека две или повеќе страни имаат интерес да се променат, ќе се променат или ќе останат исти“, рече Велиу.
На новинарско прашање зошто се менуваат улици кои имаат бројки со оглед дека законот овозможува и таква можност, Велиу рече дека и таа можност ќе се користи.