Во судар на два воза во Словачка повредени 80 патници, три лица тешко – свикана итна седница на Владата

Во близина на градот Пезинок во Словачка се судрија два патнички воза. Повредени се 79 лица, од кои тројца потешко. Сообраќајот беше прекинат, а премиерот Роберт Фицо свика итна седница на Владата

Во неделата попладне, во близина на градот Пезинок во Словачка, се судрија два патнички воза, при што најмалку 79 лица завршија во болница, а три лица се со тешки повреди, соопшти Оперативниот центар за итна медицинска помош на Словачка.

Сударот се случил околу 19:30 часот, кога еден од возовите, според првичните информации, поминува низ црвено светло. Возовите што учествувале во несреќата се REX 1814 (линија Нитра – Братислава) и Ex 620 (линија Кошице – Братислава).

Во моментот на сударот, во двата воза имало околу 800 патници, пренесува весникот Pravda.

Интервенција на терен

„На местото на несреќата интервенираа 15 возила на итната помош, а 79 пациенти беа пренесени во болници во Крамере и Ружинов, во Братислава. Сите биле при свест“, соопшти итната служба.

Портпаролката на Клиничкиот центар во Братислава, Ева Клишка, изјави дека повеќето патници имале полесни повреди – гребнатини и модринки – но имало и тешки случаи со повеќекратни трауми, фрактури и повреди на градниот кош, абдоменот и главата.

Три пациенти биле оперирани, се стабилни и надвор од животна опасност, додека 13 лица остануваат хоспитализирани.

Изјави на надлежните

Министерот за здравство Камил Шашко потврди дека во возовите имало главно студенти и изјави дека можно е да се појават дополнителни повреди на вратниот ’рбет кај некои патници.

Полицијата потврди дека нема загинати, а двајцата машиновозачи биле негативни на алкохол и дроги.

Директорот на Словачките железници Иван Беднарик изјави дека ќе се чека исходот од истрагата за да се утврди дали несреќата е резултат на техничка или човечка грешка.

Сообраќај и владина реакција

По несреќата, железничкиот сообраќај на делницата Пезинок – Свати Јур беше целосно прекинат околу три часа, а утрово неколку линии каснат 30 до 50 минути.

Премиерот Роберт Фицо им посака на повредените брзо закрепнување и најави темелна истрага. Тој свика итна седница на Владата на која ќе се разгледаат сите потребни мерки по трагедијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни