Од денес до 18 октомври во Градската галерија во Струмица посетителите ќе можат да ја погледнат изложбата „Средновековни тврдини во југоисточниот регион на Република Македонија“, авторство на д-р Душко Цветанов.
Како што соопштија од НУ „Завод и Музеј Струмица“, во рамките на изложбата се претставени научни истражувања, визуелни прикази и фотографии кои ја откриваат историската, културната и архитектонската вредност на најзначајните средновековни тврдини на територијата на Југоисточна Македонија.
„Изложбата ќе биде отворена секој ден од 17:00 до 19:00 часот, при што посетителите ќе имаат можност да се запознаат со богатото културно наследство и да ги согледаат резултатите од долгодишните истражувања на авторот“, се наведува во соопштението.
Инаку, пред четири денови во Градската галерија беше промовирана монографијата „Средновековни тврдини во југоисточниот регион на Република Македонија (11–14 век) – функција, значење и временски рамки“, од д-р Душко Цветанов. Монографијата претставува резултат на долготрајни теренски и кабинетски истражувања и има за цел да ја прикаже улогата на тврдините како важни воени, административни и културни центри низ историјата.