„Скулптурата беше изработена во рамките на одбележувањето на јубилеите 80 години Средно уметничко и 100 години од раѓањето на Јордан Грабул“, информираат од училиштето.

На отворањето, директорот на училиштето, Димитар Филиповски, истакнал дека Грабул е некогашен професор и директор на уметничкото училиште и автор со огромен импакт врз современата македонска ликовна уметност. На присутните гости им се обратиле и професорите Елена Дуковска и Лира Грабул-наш познат костимограф и воедно ќерка на Јордан Грабул.
Јордан Грабулоски е голем македонски скулптор, роден на 19 март 1925 година во Прилеп, познат по своите дела, не само во Македонија, туку и надвор од неа. Неговите уметнички реализации, проткаени со мотиви од социјална тематика, тематика од НОВ и тематика од повоената изградба, се траен белег и потврда на неговиот творечки потенцијал.
Јордан Грабулоски е еден од основоположниците на современиот скулпторски израз во Македонија во педесеттите и во шеесеттите години на 20-от век, односно репрезентативен претставник на споменичната скулптура во повоеното ликовно творештво на Македонија и на минималистичката скулптура. Покрај делата од времето на гимназиските денови во Прилеп, во кои среќаваме видови на реализам, Јордан Грабулоски е автор и на: – Споменикот посветен на Првиот штрајк на тутунските работници во Прилеп, – Спомениците на Никола Карев (1953), – Споменикот на Гоце Делчев, – Споменикот на Македонско-Косовската бригада во селото Белчишта, Охридско (1958), – Споменикот во Прилеп (1958), – Споменикот на стреланите младинци од фашистичкиот окупатор во Ваташа (1962), – Спомен — костурницата во Кичево (1963), – Споменици во Скопје (1965),
– Меморијалниот комплекс на НОБ во Бутел — Скопје,

– Споменикот на слободата на Скопското кале,

– Споменикот на слободата во Гевгелија (1969),
– Споменикот посветен на Преспанското советување во Отешево, Ресенско (1973), – делата: „Парадокс на коегзистенцијата“ (1969), „Комуникации“(1985) и многу други.
Тој и сопруга Искра Грабул се автори на монументалното ремек дело на современата архитектура и уметност, Македониумот познат и како „Илинден“, посветен на Илинденското востание и НОБ, во Крушево, свечено отворен на Илинден (1974).
Неговите скулптури поставени во функционалниот простор прават една целина, која ги потврдува уметничките пораки за траен пиетет кон минатото и за трајна вљубеност во убавото — како оптимистичка убеденост дека во светот во кој живееме не сме ни од вчера, ни сами. Грабулоски два пати бил добитник на наградата «11 Октомври», во 1966 и 1970 година.
Починал во Скопје, на 25 мај 1986 година.