Во среда премиера на претставата „Фамилијата Адамс“

Во Драмскиот театар во Скопје задутре, 25 декември, ќе се одржи премиера на претставата „Фамилијата Адамс“ во режија на Теа Беговска. Претставата го симболизира спојот на темното и светлото, на нормалното и ненормалното, а при нејзино реализирање фокусот најмногу бил ставен на филмовите од 1991 и 1993 година.

Улогите во претставата ги играат Предраг Павловски, Трајанка Илиева Вељиќ, Гордана Ендровска, Нина Елзесер, Сашо Тасевски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Емилија Мицевска, Златко Митресаки и Маја Вељковиќ Пановска. Духовите во претставата ги играат Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Емис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев.

Авторка и режисерка на претставата Теа Беговска на прес-конференцијата рече дека претставата ќе и се обрати на млада публика, бидејќи зборува за прекрасна љубовна приказна меѓу Вендзеј и Лукас.

-Лукас доаѓа од нормалниот свет, а Венздеј од мрачниот свет. Двајцата се вљубуваат и тргнуваат по тој пат, да ја срушат границата меѓу нормалното и ненормалното, додаде Беговска.

Таа додаде дека при реализирање на овој проект, пред се тргнала од стриповите, потоа почнала со самата серија, но најмногу била фокусирана на филмовите од 1991 и 1993 година, бидејќи токму овие филмови најмногу останале во нејзина меморија. Имале како што рече, исклучително тешка задача да направат филм во театар, затоа што театарот има други изразни средства. 

-Филмовите од 1991 и 1993 година се најблиску до мојата генерација и нешто најблизу до она што го паметам. Мојата претпоставка беше дека тоа би го паметеле сите, и некако се фокусирав само на тие два филма, како нешто што за актерите би било појдовна точка од каде што ќе тргнат да истражуваат, да црпат. Ние не би требало да гледаме и да имитираме, но овој пат имавме таква задача. Имавме исклучително тешка задача да направиме филм во театар, затоа што театарот има други изразни средства. Се потрудивме максимално да и го пренесеме на публиката она што треба да го види од Адамс фамилија, посочи Беговска.

Како што потенцираше, целиот тим активно и креативно се вложил во целиот проект. 

-Целиот тим многу активно и креативно се вложи во овој проект и тоа за мене беше многу олеснителна околност, затоа што како цел тим активно работевме на претставата. За мене ова беше многу интересен и креативен процес, многу големо искуство. Имаше многу убава енергија меѓу актерите и мислам дека направивме претстава која што ќе биде интересна, рече Беговска.

Актерката Нина Елзесер која ја игра улогата на Венздеј Адамс, на прес-конференцијата рече дека ова не е само темна приказна, туку приказна во која постојат многу светли точки. Како што рече, претставата е спој на темното и светлото.

-Мислам дека ова не е само темна приказна. Сепак, има многу светли точки во темната приказна. Ова е еден спој на темното и светлото и треба секој да дојде и да ја погледне, рече Елзесер.

Актерката Трајанка Илиева Велиќ која ја игра улогата на Мортиша Адамс, рече дека е предизвик да се играат култните ликови на „Фамилијата Адамс“. Како што посочи, провокација е да се скинат сите мимики и гестови и фацијалните експресии на популарните ликови. Напомена дека претставата е наменета за деца над девет години, а може да ја гледаат и повозрасните.

Директорот на Драмскиот театар Роберт Вељановски на денешната прес-конференција посочи дека станува збор за претстава која е направена пред 37 дена, првата проба беше на 19 ноември.

Како што рече, во претставата учествуваат и осум студенти од Факултетот за Драмски уметности во Скопје и од Факултетот за театарски уметности на интернационалниот универзитет Еуропа Прима.

-Велат дека нема мали и големи улоги, апсолутно тоа не е точно. Но, нивниот влог што го прават во оваа претстава чини претставата да има една сосема нова димензија и имаат сериозен влог во создавањето на ова театарско уметничко дело, рече Вељановски.

Сценографијата е на Никола Пијанманов, костимите се изработени од Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, кореографијата е на Бојан Лазаров, а музиката на Енес Беговски.

Реприза на претставата ќе се одржи на 27 декември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни