Кражбата на накит во музејот Лувр претставува најспектакуларната кражба од исчезнувањето на Мона Лиза во 1911 година — и отвора сериозни прашања за нивото на безбедност на француското културно наследство, особено во време кога уметничките дела сѐ почесто се цел на криминални групи.
Според новиот министер за внатрешни работи на Франција, Лоран Нунез, бандата што во неделата наутро влегла во Галеријата Аполон била „очигледно професионална“.
Тие знаеле што бараат, очигледно претходно го истражиле музејот, користеле едноставен но ефикасен метод и за само седум минути го украле пленот и исчезнале.
Со камион опремен со кревачка платформа (каков што користат фирмите за селидби), се паркирале пред зградата, се подигнале до првиот кат, и со дисковна пила влегле низ прозорецот.
Внатре, во богато украсената галерија, директно се упатиле кон две витрини кои ја содржеле преостанатата кралска колекција од накит.
Украдени историски драгоцености
Поголемиот дел од француските кралски регалии се изгубени или продадени по Француската револуција во 1789 година, но некои предмети биле зачувани или откупени. Украдените експонати главно датираат од 19 век и припаѓале на две императорски семејства – на Наполеон Бонапарта и неговиот внук Наполеон III.
Според властите, украдени се осум предмети, меѓу кои дијадеми, ѓердани, обетки и брошеви. Тие ѝ припаѓале на царицата Марија Луиза (сопруга на Наполеон), на кралицата Хортензија од Холандија, на кралицата Марија-Амелија (сопруга на кралот Луј Филип), и на царицата Евгенија (сопруга на Наполеон III).
Дел од пленот пронајден на лице место
Во кражбата не била украдена познатата круна на царицата Евгенија, туку таа била оставена на местото на настанот и сега се испитува дали е оштетена.
Министерството за култура соопшти дека алармите правилно реагирале, а петмина вработени во музејот кои биле присутни во или околу галеријата постапиле според протокол, повикувајќи обезбедување и евакуирајќи ги посетителите.
Крај музејот, разбојниците се обиделе да го запалат своето возило, но еден вработен ги спречил во тоа.
Лесна продажба на црниот пазар
Кражбата се случила недалеку од Мона Лиза, но светски познати уметнички дела ретко се цел на вакви банди – тие преферираат накит, кој лесно може да се демонтира и продаде.
Дури и големи дијаманти може да се пребрусат и преработат. Иако на црниот пазар тие нема да постигнат вредност колку во музејот, сепак ќе донесат значителна сума.
Макрон: Ќе ги пронајдеме експонатите и сторителите
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека украдените експонати ќе бидат пронајдени, а сторителите казнети. На платформата X (поранешен Твитер), тој напиша дека кражбата е напад врз француското културно и историско наследство.
Макрон додаде дека сите ресурси се активирани, а париското обвинителство ја води истрагата. Потврди и дека проектот за подобрување на безбедноста на Лувр, покренат во јануари, ќе продолжи.
Детали од истрагата
Париската обвинителка Лор Беку изјави дека бандата се состоела од четворица мажи со покриени лица, кои побегнале со моќни скутери.
Постои видео надзор од музејот и градот, и граѓаните веќе даваат корисни информации, вклучително и за пожолтен елек што еден од крадците го фрлил.