На маргинализираните сограѓани им треба нашата поддршка. Сега им треба повеќе од било кога. Мојата и твојата поддршка. И жените и ЛГБТИ+ лицата денес се соочуваат со бројни проблеми во своите животи, а нашето сојузништво по тие прашања ќе им прати јасна порака – тука сте, важни сте, заедно сме. Вашите животи се еднакво значајни и важни и тоа не смее да биде предмет на дискусија.
Кога даваме поддршка, мислиме на луѓето кои не можат слободно да го изразат својот идентитет, луѓето кои страдаат и во најтесните кругови на своето опкружување. На сите оние кои се соочуваат со сериозни притисоци да се реализираат преку она што се.
Ние мораме да градиме сојузи и со тоа да создаваме безбедни простори во кои прифаќањeто, еднаквоста, слободата и рамноправноста се темел и принцип. Преку нив ја препознаваме нивната сила, храброст и моќ и стоиме рамо до рамо, едни до други.
Ајде за миг да ги напуштиме сопствените привилегии и комоции и да помогнеме да се крене свеста за достоинствен живот за сите.
Да се биде соборник во надминувањето на секојдневните стереотипи и предрасуди кои директно влијаат врз идентитетот на ЛГБТИ+ лицата, жените и другите маргинализирани групи е прашање на почитување на основните човекови права и слободи.
Нашата потпора како знак на доверба може и треба да биде пример за менување на динамиките околу нас и желбата да ја направиме заедницата вистински дом. Дом за сите, место каде различните идентитети ќе учествуваат во градењето на многу потребната разноликост. Дом еднаков на семејство. Затоа што секој еден, секоја една има право и на дом, и на семејство. Без разлика на сопствената различност. Промените мора да почнат токму од нас и од примерот кој ние го даваме. Од нашите акции. Од нашата храброст да се залагаме за нашите сограѓани, за оние кои неправедно се исклучени од живеењето подеднакво квалитетен живот како нас.
Ние сме промената.