Во системот „Мој термин“ воведена верификација на телефонски број за подобрување на здравствените услуги

Во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги за пациентите, во системот „Мој термин“ е воведена опцијата за верификација на телефонскиот број. Оваа мерка има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем, информираат попладнево од Министерството за здравство.

Во моментов, процесот сè уште не е задолжителен. Но, во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар.

Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи. Кога станува збор за итни медицински случаи – внесување во системот без верификација. Децата и изнемоштените лица можат да бидат верификувани преку друго лице – еден телефонски број за повеќе пациенти.

Корисниците на мобилната апликација „Мое здравје“ можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.

– Важно е да се нагласи дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед. Оваа промена се базира на анализи што покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50 проценти од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини што можеле да бидат искористени за други пациенти, појаснуваат од Министерството за здравство.

Оттаму нагласуваат дека заедно со Управата за електронско здравство остануваат посветени на подобрување на пристапот до здравствените услуги, како и зголемување на ефикасноста на системот. Притоа, како што истакнуваат, сите чекори ќе бидат преземени со соодветна адаптација и исклучоци за категориите пациенти на кои тоа им е потребно. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни