Во Сиера Леоне повеќе од 3.000 случаи на мајмунски сипаници, 14 починати

Мајмунските сипаници се вирусно заболување кое се манифестира со висока температура, осип и појава на кожни плускавци

Министерството за здравство на Сиера Леоне денеска соопшти дека од почетокот на годината досега се регистрирани 3.011 случаи на мајмунски сипаници, од кои 14 завршиле со смртни последици.

Во соопштението се наведува дека до средината на мај биле пријавени 2.045 случаи и 11 смртни случаи, но дека во меѓувреме бројките продолжиле да растат. Вирусот сега е присутен во сите 16 окрузи на земјата.

„Го преуредивме Полицискиот тренинг центар во главниот град Фритаун, каде што обезбедивме 400 болнички кревети за згрижување пациенти“, изјави неименуван претставник од министерството. Помош пристигнала и од меѓународната хуманитарна организација Лекари без граници (MSF), која обезбедила финансиски ресурси за справување со ситуацијата.

Што се мајмунските сипаници?

Мајмунските сипаници се вирусно заболување кое се манифестира со висока температура, осип и појава на кожни плускавци. Болеста првпат била идентификувана во 1970 година во Демократска Република Конго и со децении била ограничена на неколку земји во Централна и Западна Африка.

Сепак, во 2022 година вирусот почна брзо да се шири и во други делови од светот, вклучително и во развиените земји каде претходно не бил присутен. Светската здравствена организација (СЗО) во 2023 година прогласи високо ниво на глобална тревога поради ширењето на вирусот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни