Од 1. јануари во Швајцарија стапи на сила закон кој забранува покривањето на лицето на јавни места, познат како „забрана за бурки”, а кршењето на овој закон ќе биде казнето со парична казна до 1.000 швајцарски франци (1.064 евра), пренесе Swissinfo.
Иницијативата против носењето бурка ја одобриле 51,2 проценти од швајцарските избирачи во март 2021 година, а исклучоците од законот ќе вклучуваат покривање на лицето поради безбедносни, временски или здравствени причини, а ќе бидат дозволени и за уметнички и забавни цели, како и за рекламирање.
Од 1. јануари стапија на сила и нови правила кои го усогласуваат швајцарскиот меѓународен закон за наследство со Европската регулатива за наследување.
Од 1. јануари, швајцарските закони ќе бидат поефикасни и во борбата против детски бракови.
Браковите во странство кои вклучуваат малолетни лица повеќе нема да се признаваат ако барем едниот од брачните партнери во време на склучување на бракот бил жител на Швајцарија.
Браковите на деца сега можат да бидат поништени по барање на властите или засегнатата страна до 25-от роденден на таа личност, додека порано тоа било можно само додека не наполнат 18 години.
Промената на законот има за цел да спречи таканаречените „бракови на одмор“, односно детски бракови кои се склучуваат кога семејствата патуваат во друга земја каде што може да има пониска возраст за склучување брак.
Покрај тоа, браковите не ќе се признаваат во Швајцарија освен ако двата брачни партнери не навршиле 16 години.