„Солидарни сме со граѓаните кои веќе четири месеци, ширум Србија, храбро, самосвесно и според највисоките демократски стандарди го изразуваат своето несогласување со самовладеењето на еден човек и со високата корупција која ја заробила државата и произведува човечки жртви“, се наведува во пораката која беше прочитана на собирите на солидарност во Швајцарија.
На собирите во Берн, Лозана и Цирих учествуваа граѓани кои живеат во Швајцарија, а потекнуваат од Србија или се на некој начин поврзани со Србија и просторот на поранешна Југославија.
„Швајцарската јавност ја информиравме дека студентите од Србија и сите оние кои протестираат се на вистинската страна на историјата, дека нивните барања се политички легитимни и оправдани, но и дека ситуацијата во Србија сѐ уште е екстремно напната“, истакнаа граѓаните.
Тие додадоа дека милиони граѓани на Србија повеќе од една деценија биле осудени на информирање кое доаѓало исклучиво од режимот, преку строго контролирани про-владени медиуми и таблоиди.
„А сега студентите со своите маршеви низ Србија донесуваат вистински вести и многумина сега за прв пат се запознаваат со размерите на самоволјата, корупцијата, распродажбата на националните ресурси и природното богатство и уништувањето на институциите и општеството“, нагласија тие.
Тие ја пренесоа и пораката до јавноста во Швајцарија дека режимот во Србија се обидува на сите можни начини да ги заплаши и замолчи студентите и демонстрантите, не бирајќи средства.
„Од јавна дискредитација и омаловажување, преку репресија и надзор од тајните служби, до директно насилство, физичко повредување и притисок врз вработените во јавниот сектор, особено на универзитетите и во образованието. Сепак, без разлика на тоа, или можеби токму поради тоа, протестите продолжуваат брзо да растат“, истакнаа граѓаните во Швајцарија.
Тие порачале дека прават сѐ што можат за да го слушнат нивниот глас во Швајцарија, Европа и светот.