Во што се триесеттите подобри години од дваесeттите? 

Како дете сакав да ги облекувам штиклите на мајка ми и да глумам дека сум возрасна… веројатно сите деца го прават истото затоа што сакаме да бидеме како возрасните, веруваме дека тоа е прекрасно. Но во право се кога ни велат дека нема поубаво нешто од детството, ама дете си, па не ги слушаш. Во дваесеттите пак, ги слушав и верував дека секоја година плус е страшна затоа што повеќе нема да бидеш дваесет и кусур, а тие биле најубавите години. Но овојпат згрешив што ги слушав. Зошто сите зборуваат колку е убаво да си многу млад, а никој не зборува колку е убав животот кога со него ќе дојдат годините, но и созревањето? Веројатно затоа што повеќе се зафатени да изледаат младо, отколку да созреваат.

Првото нешто кое ме направи среќна затоа што имам 3ка напред е враќањето во рутина по одморите и сите кратки патувања кои ги имав периодов. Да патувањата се најубавото нешто на свет, но доколку тоа се случува без прекин изминатите 3 месеци и те како може да биде напорно и ова нема никаква врска со „стара си“. Со созревањето доаѓа и потребата за мир, баланс, стабилност и некаква рутина во животот. „Живеам ден за ден’ повеќе не е така забавен концепт.

Во дваесеттите мразев да чистам, средувањето на станот го гледав како обврска. Да бидам искрена и сега го гледам како обврска и не сум љубител на истото, но ме прави среќна. Да, сега разбирам дека чистиот дом и среден простор ми даваат мир и сатисфакција. Во дваесеттите едвај чекав телефонот да ми заѕвони. Сега кога телефонот ми е тивок затоа што поголемиот дел од луѓето се на годишен одмор и знам дека до крајот на денот нема да бидам „вознемирувана“ јас сум среќна. Но она што ме прави најсреќна е дека немам апсолутно никакви планови и не морам да одам никаде, затоа што сакам денови кога не морам да излезам од дома.

Во што се триесеттите подобри години од дваесеттите? Па, првата причина е тоа што научив да си го ценам времето и мирот. Повеќе немам форсирани кафиња со луѓе со кои немам муабет и слободното време е само за мене. Во последнава година прифатив дека е многу нормално да се намали вашиот круг на луѓе затоа што како созревате, растете и се менувате, заеднички работи за муабет имате со многу мал број на луѓе. Луѓето околу мене ги бирам по принципот да се луѓе со кои имам иднина, а не минато. Ова вклучува стари пријателства кои понекогаш немаат апсолутно никаква фукција затоа што седите со личност со која повеќе немате ништо заедничко и со нив немате иднина, туку минато. Муабетите ви се површински и форсирани затоа што чувстувате дека доколку ја знаете личноста во изминатите 15, 10 или 5 години вие мора да го одржувате контактот. Епа не морате. Не е популарно мислење и никој не зборува за тоа, но доколку вие сте ги надраснале луѓето или сте во две сосема различни места во животот, океј е да побарате луѓе и конекции со кои имате повеќе муабет од тоа како сте се журкале кога сте биле 20 години.

За викенд преферирам повеќе останување дома затоа што како генерација “millennials” се уште се сеќавам на времињата кога имав албум со 100 слики на Фејсбук насловен „Сабота журка“. Во дваесеттите ние не се журкавме, ние се ПРЕжуркавме. Во триесеттите, повеќе не сум друштво за журки, туку друштво за патувања или посети на добар ресторан со уште подобра храна. Не, не сме стари, туку приоритетите и вкусовите се менуваат. Ако сеуште познавате некој кој излегува и се однесува исто како кога имавте по 20 години, дефинитивно некој одбил да порасне и созрее. Плус многу ми е полесно парите за излегување да ги дадам за патување, бар така има повеќе смисла, отколу да платам 450ден за пијачка.

Не велам дека 20тите не се убави, ох, убави се и тоа како, но мораме да престанеме да ги плашиме помладите генерации дека еден ден ќе им фали да бидат дваесет години. Не, нема и знаете зошто? Затоа што ако поминеш што треба да поминеш кога си во 20тите и ако го живееш животот како што се живее, со полн здив, ти ќе ги дочекаш и 30тите и 40тите и сите години понатаму среќен и исполнет. Знам дека секогаш има таму некој чичко или тетка со многу боткс, кои се однесуваат како да имаат дваесет години и тоа изгледа така страшно и очајно, но верувајте вие не мора да бидете такви. Радувајте се на секоја дувната свеќичка на вашата торта затоа што животот не престанува и секоја возраст има своја магија, а ако ве плашат дека 30тите се лоши јас ќе ви потврдам дека се многу подобри отколку што замислувате. Тоа исто значи дека кога ќе дојде и 4ката напред нема да биде воопшто лошо, само ако може да ја подзапреме инфлацијата затоа што таа ме плаши многу повеќе од стареењето.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни