Книгата „Зурлаџиската традиција во Р. Македонија“ на професорот Горанчо Ангелов денеска беше промовирана на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип. Во книгата се истакнати информации за самиот инструмент, за некогашните и денешни свирачи на овој инструмент, како и настаните на кои овој инструмент бил дел од животот на Македонецот.
Ангелов во изјавата за медиумите посочи дека во ова дело се опфатени сите региони на државата, а особено се акцентираат оние региони каде што овој инструмент и денес е во практична примена и е дел од животот на населението.
-Самата материја опфаќа доста информации поврзани со зурлаџиската традиција во Македонија и не само тоа, повеќе за инструментот, повеќе за музиката, за свирачите на овие инструменти и секако контекстите, односно настаните на кои овие инструменти биле дел од животот на нашето население. Во студијата се опфатени сите региони на државата и поголем акцент е ставен на оние региони, каде што овој инструмент не само во минатото, туку и денес ја има својата практична примена и е дел од многубројни настани, во животот на луѓето. Овој инструмент доминира најмногу во западниот дел, рече Ангелов.
Тој додаде дека зурлата е многу стар инструмент и за среќа е присутен и во ова модерно време во својата праформа.