Во сабота во Музеј на Македонија ќе се играат игри стари и по 3000 години

Во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија во сабота ќе се одржи Фестивал на стари игри. На отворениот простор околу музејот ќе бидат презентирани повеќе традиционални друштвени игри: ластик, плочка, скокање јаже, народна, хулахоп, летање змеј и многу други. Ќе учествуваат ученици од повеќе основни училишта од Делчево, Кавадарци, Охрид, Скопје и од Тетово.

„Целта на овој фестивал е интерактивно учество на децата и младите преку спортски, друштвени и борд игри, запознавајќи се меѓусебно и претставувајќи ги традициите од реоните од кои доаѓаат. Идејата е повеќе од типот да се извлечат надвор децата, да се дружат деца од различни градови и да им ги претставиме игрите на нивните родители кои се своевидно културно наследство. Настанот е предвиден да се одржи на отворено, на плочникот меѓу  Музејот на Македонија и дворот на Куршумли ан за да привлече внимание на јавноста и што поголема посетеност“,– изјави Соња Шуплевска од  Асоцијацијата „Детски свет“, организатори на фестивалот.

Дел од игрите ќе бидат со презентациски карактер, а дел ќе бидат и со натпреварувачки дух. За наградите се погрижи Издавачки центар ТРИ со тоа што на победниците ќе им се поделат пакетчиња со книги.

Етнологот, Душица Брасиќ истражуваше и направи брошура за овие игри кои ќе бидат дел од настанот, а за дел од нив дојде до сознание дека потекнуваат од пред нашата ера како џамлии, хулахоп и слично.

Влезот ќе биде слободен, а на посетителите ќе им биде овозможен и бесплатен влез во музејот. Настанот ќе биде проследен со неколку музички настани со различен жанр на музика презентирајќи не само традиционални песни и ора туку и нивни современи обработки на актуелни македонски композитори.

Овој фестивал е поддржан од министерството за култура како проект од национален интерес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни