Во сабота (04 октомври) во „Јавна соба“ ќе се Четвртиот фестивал на биодиверзитетот, што ја промовира здравата храна од нашето поднебје.
Организаторот „Слоу фуд Водно“, со поддршка од „Слоу Фуд Македонија“, и овојпат ветува празник на автентичноста и на локалното производство,под мотото: здрави корења и полни трпези.
– Ова ќе биде ден кога храната ќе раскажува приказни за зачувани сорти, за вредните раце на земјдоелците што нежно ги негуваат, и за трпези кои се полнат со добра, чиста и правична храна. Овојпат, во фокусот ќе биде планинскиот чај, чиешто мирисно и лековито богатство ќе ни го открие Самет Абдули од Ростуше, Маврово – чувар на традицијата и раскажувач на билкарските тајни на планината. „Бостание“, нашата општествена градина, преку таботилница ќе ве воведе во светот на семенските топки – мал, но моќен начин за враќање на природата во нашите животи. За најмладите посетители, точно напладне, магијата ќе оживее преку Кристијан, магионичарот, кој со својот едукативен настап ќе покаже дека и храната може да биде вистинска магија. Ќе има и работилници за кисело тесто, каде љубителите на автентичен леб ќе имаат можност да научат како да создадат свој, “жив леб”, кој расте полека, но со душа. Целта и оваа година е јасна: поддршка за малите производители, кои ја чуваат традицијата, но смело чекорат со современите вредности и трендови – велат организаторите.
На фестивалот ќе земат учество над 25 производители од цела Македонија, носејќи со себе вкусови, мириси и приказни од различни краеви на земјата.
Покрај храната, ќе има и музика– зад диџеј пултот ќе биде диџеј Соул Кејс.