По украинските удари врз енергетската инфраструктура во две руски области кои граничат со Украина, дошло до прекин на снабдувањето со струја, што го погодило околу 20.000 луѓе, соопштија локалните власти, еден ден по масовното руско бомбардирање на објекти во Украина.
Во областа Белгород, која редовно е мета на украински напади, гувернерот Вјачеслав Гладков објави на Telegram дека електричната мрежа и постројките за далечинско греење претрпеле сериозни оштетувања во главниот град на областа.
„Повеќе улици имаат проблеми со струјата… повеќе од 20.000 жители се без електрична енергија“, додаде тој.
Во Курската област, која исто така граничи со Украина, избувнал пожар во една енергетска постројка во селото Кореново, при што 10 населени места останале без струја, соопшти гувернерот Александар Кинштајн преку Telegram.
И во областа Воронеж, избувнал пожар во постројка што обезбедува греење, соопшти гувернерот Александар Гусев.
Рускиот напад врз енергетската инфраструктура на Украина предизвика загуби и во украинските електрани, при што според украинските власти загинале најмалку четири лица. Украинските воздухопловни сили соопштија дека руските сили во ноќта меѓу сабота и недела испукале 69 дронови врз Украина, од кои 34 биле соборени.