Според прелиминарните официјални резултати, кандидатот на владејачкиот СНСД, Синиша Каран, е победник на претседателските избори во Република Српска (РС), српскиот ентитет во Босна и Херцеговина. Опозицијата најави жалби и обвинувања за изборни нерегуларности.
Прелиминарни резултати
Централната изборна комисија соопшти дека по преброени 93% од избирачките места, Каран освоил околу 50,9% од гласовите, додека опозицискиот кандидат Бранко Блануша од СДС добил 47,8%.
Каран важи за близок соработник на Милорад Додик, кој поради судска пресуда поврзана со негови сепаратистички активности беше сменет од функцијата претседател и не можеше повторно да се кандидира.
Каран му се заблагодари на Додик
Во победничкиот говор, Каран се заблагодари на гласачите, но и посебно на неговиот политички ментор Додик.
„Кога беше најтешко, српскиот народ победи. Голема благодарност до Милорад Додик и сите пратеници кои ја бранеа Република Српска“, изјави тој.
Додик оцени дека победата на Каран е доказ за „стабилноста на Република Српска“ и покрај неповолните околности.
Кој е Синиша Каран?
Каран (63) е професор по правни науки и во времето на Додик бил министер за наука, а потоа и министер за внатрешни работи. Во кампањата, како и Додик, се претставуваше како борец за исклучиво српските интереси во БиХ. Важеше за фаворит меѓу шесте кандидати.
Опозицијата тврди дека имало манипулации
Поражениот кандидат Бранко Блануша изјави дека изборниот процес бил обележан со неправилности.
„Да немаше манипулации, вечерва јас ќе ја славев победата“, рече тој, според босанските медиуми.
СДС бара повторување на гласањето во три градови, тврдејќи дека таму имало изборна кражба. И во минатото често имало сомнежи во регуларноста на изборите во РС.
Ниска излезност
Право на глас имале околу 1,2 милиони граѓани, но излезноста била само 35%, значително помала од онаа во 2022 година (53%).
Бидејќи станува збор за вонредни избори, новиот претседател ќе има мандат од само една година – до крајот на актуелниот парламентарен состав. Гласањето се смета за генерална проба за изборите во 2026 година.
