Во ова брзо време на живеење секогаш кога доаѓа есен природата ме потсетува на една многу важна работа – Човек треба да си даде пауза! Во месеците кои следат ќе приметите како полека се ќе се стиши, барем кога станува збор за природата. Со доаѓањето на студот и зимата, животните ќе влезат во процес на хибернација или време кога тие ја зачувуваат енергијата со тоа што едноставно успоруваат и си даваат оддишка. Ако животните можат да го направат тоа, зошто не би можеле и ние?
Пред некој ден се приметив себеси како се радувам на дождот и тоа не од причина затоа што сакам дожд, туку притисокот да излезам надвор, да бидам со луѓе и да правам нешто едноставно исчезна затоа што нели врне и сите се по дома. Па си реков на себе дали е нормално да чекам да заврне за да си дадам сама на себе право да земам пауза и да одморам? Секако дека не. Но со брзото темпо на живеење некако неминовно доаѓа чувството на вина кога сите околу тебе прават нешто, а ти го поминуваш денот во кревет.
Неработен ден, сонце, топло… па греота е да го поминеш денот дома!
Но што ако сакам да останам дома? Што ако се чувстувам уморно и едноставно сакам да одморам? Зошто мора да се превртува со очи кога некој ќе ви каже дека му треба пауза?
Истиов муабет ме потсети на една ситуација од одмор. Друштво сите собрани одиме на море и по некое непишано правило секоја вечер се излегува и се шета. Моментот кога реков дека таа вечер не ми се излегува и едноставно сакам да останам на балкон и да уживам во тивката ноќ, сите беа во шок!
„Па како да не излезеш да прошеташ? На одмор си дојдена, не за да седиш во соба!“
Точно. Дојдена сум на ОДМОР. Тоа подразбира да правам што ми се прави и да одмарам. Од каде тој притисок дека одморот е време каде не смее да се потроши ниту една минута во седење на едно место? Од истиот тој притисок голем дел од луѓето се враќаат од одмори уште поизморени отколку кога тргнале на истиот.
Иститот тој притисок не следи и во останатиот дел од годината па приметувам како огромен дел се тераат себеси да станат во раните утрински часови за да се искористи времето, да не оди денот бадијала. Зошто да станам во 5 часот ако немам потреба за тоа? Зошто да го скратам сонот, одморот и спиењето само затоа што некој некаде поставил правило дека е правилно да се будиш рано? „Здраво е.“ Не. Здраво е да се наспиеш и да се одмориш. Здраво е да го правиш она што твоето тело и ум го бараат од тебе. Не сме машини и не сме роботи. Луѓе сме. Сите функционираме различно и во ред е да си дадеш оддишка. Во ред е да си дадеш одмор, пауза, и во ред е истиот да трае малку подолго доколку се чувствуваш така.
Престанете да се натпреварувате со луѓето околу вас. Не сме сите исти и не може да очекуваме сите да го правиме истото. Ако некој може да функционира со 5 часа спиење не значи дека може и другиот. Затоа не првртувајте очи и не изгледајте изненадено кога некој ќе ви каже дека спиел 10 или 12 часа. Не шепкајте меѓу себе дека нешто не во ред доколку некој за момент се повлекол и не сака да излегува. Да понекогаш тоа се симптоми на депресија, но исто така се и знаци дека некој решил да се грижи за своето здравје и да си даде заслужена пауза. На крајот од краиштата не сме доктори и не ни е местото нам да поставуваме дијагнози.
За крај, престанете да чувстувате вина доколку не постигнувате еднакви резултати со луѓето во вашето опкружување и сте пасивни. Можеби вам ви треба пауза. Ви треба време за хибернација и подготовка за да се вратите таму надвор и нема ништо лошо во тоа. И не е важно дали тоа ќе биде еден ден, цел викенд, недела или месец. Вие најдобро можете да слушнете што вашето тело и ум ви кажуваат и нема потреба комшивката или колешката да ве дијагностициаат и анализираат дали е тоа нормално. На крајот од краиштата дефиницијата за тоа што е „нормално“ е многу релативна.