Во првите шест месеци од 2025 Турција ја посетиле над 26 милиони туристи

Во првите шест месеци во Турција најбројни се туристите од Руската Федерација, Германија и Велика Британија
Фото: Sevtap Ön, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Во првите шест месеци од 2025 година, приходите од туризам во Турција пораснале за 7,6 отсто во споредба со истиот период лани и во земјата од туризам се слеале 25,8 милијарди долари, соопштија тамошните институции.

Во овој период земјата ја посетиле речиси 26,4 милиони туристи, што е раст за еден отсто во споредба со првите шест месеци од минатата година. Меѓународните посетители на Турција престојувале во земјата во просек по 10 ноќевања од турист, што е минимално намалување за 0,9 отсто, но затоа сите тие потрошиле просечно по 106 долари за ноќевање по лице, што е раст за 8 отсто во однос на истиот период од 2024 година.

Според податоците на ОН за туризам за минатата година,  Турција е четвртиот најголем пазар за дојдовен туризам во светот.

На прес-конференција одржана во Истанбул, Мехмет Нури Ерсој, министерот за култура и туризам на Република Турција, ги претстави најновите податоци за туристичката индустрија, потенцирајќи дека и покрај многуте геополитички предизвици, во првото полугодие земјата продолжила со одржлив раст во туристичката индустрија.

Гледано по држави од каде што доаѓаат најголемиот број туристи, трите најголеми пазари за Турција во првата половина од годинава биле Руската Федерација, од каде земјата ја посетиле 2,61 милион туристи, потоа Германија со 2,42 милиони посетители и Велика Британија, од каде пристигнале 1,75 милиони посетители.

Она што е интресно е дека во првото полугодие земјата забележа двоцифрен раст на бројот на посетители од Америка, но и од многу од нејзините европски конкуренти, како и од земјите од Централна Азија и Азија-Пацифик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни