Во прилепскиот манастир „Свети Ѓорѓија“ се одржува 7 -тата меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“. На Колонијата која ќе трае до 5 септември своите дела ги создаваат 16 уметници од земјава и од Србија, Хрватска и Црна Гора.
„По втор пат сум во Прилеп. Пред 26 години бев учесник на старата прилепска колонија. И бидејќи имав одлични впечатоци дојдов повторно тука. Преубава е средината во која твориме, одлични се условите за работа“, вели Звјездана Јерембих од Загреб, Хрватска.
Околината кај Манастирот е голема инспирација за уметниците.
„Воодушевена сум од пределот. Ќе го насликам она што го видов. Задоволна сум од гостопримството, кое е на високо ниво“, вели Злата Томљеновиќ од Ријека, Хрватска за МИА.
Создадените уметнички дела ќе се најдат на заедничка изложба во ноември.
-Очекуваме уметниците да создадат нови уметнички дела што ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот во ноември, вели Марјан Стојаноски, координатор на проектот од ликовната дејност на Центарот закултура „Марко Цепенков“ од Прилеп.
Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам.