Во постојан судир со апатијата

Седнувам покрај малите бранчиња на Охридско Езеро и молчам. Другарките околу мене исто така престанале да зборуваат. По долг и прекрасен ден кој ни требал на сите, молчиме, јадеме тост и ја гледаме месечината што го осветлила градот. Вдишувам бавно и спокојно по многу долго време, сè што беше потребно е да влеземе во кола и да се оддалечиме од Скопје. Нè гледам – пак сме насмеани, мирни и знаеме дека секое патување, како и што ми се повторува многупати досега е лек за многу болки.

Минувањето низ лични транзиции секогаш се дел од тие болки, без разлика дали е тоа на 27 или на 57. Понекогаш мислам дека цел живот учиме како да се навикнеме да живееме во неудобноста, дека само така може да имаме поспокојни денови. Претстанав да очекувам живот без проблеми, но истовремено и живот без насмевки и љубов и мекост. Таму некаде, во верувањето дека и ова другото мора да го има,  ми е суштината и радоста, а на неа имам(e) право и должност. Гледам во немирната вода која го опушта секој што ја гледа и знам дека мора да може подобро. Да се има некаков став, отпорност, лутина против таа непријатност која сака да нè турка во мрак. Затоа често заминувам, за да можам да го разбудам и да имам сила одново да се вратам назад.

Личните транзиции ги гледам баш како бранчињата со кои се занимавам вечерва, од кои не можам да ја тргнам главата, кои самите минуваат низ процеси на преобразба пред да стигнат до својата конечна дестинација. Дали може еднаш засекогаш да се расчисти со стравот од нив? Можеби да, но зависи од нивната големина, временските услови, околината – си мислам. Истото важи и за овие внатрешни процеси на менување. Може да се потсетуваме на тоа колку е важно да се освестат, да го пишувам ова од позиција на дистанца, но кога се минува низ нив, одново нагрнува чувството на страв и збунетост кои се дел од процесот. Ама, да не го слушнам тоа познатото ,,Верувај му на процесот”, пак, затоа што и стравот и неверувањето се дел од тој конфликт кој го минуваме со себе.

Ме заплиснува одредена тага дека секогаш кога се враќам дома како пак да им се враќам на истите работи, што ми пречи, кога нешто треба да се менува. Овојпат сакам да не е така. Сакам да запаметам колку многу сакам да се движам насекаде токму поради тоа што тоа ми давало секогаш неверојатна слобода на духот и ми помагало да се движам низ животните транзиции полесно. Секогаш кога нешто драматично се менува, застанува или дава знак дека не е во ред, го оддалечувам од себе и му давам друга перспектива, го оставам малку настрана и му се враќам подоцна со поголема сила. Половина час подоцна, гледајќи уште во малите бранчиња, на прагот на новото лето, се потсетувам дека има уште неоткриени начини како да се справуваме со тоа што ни следи. Одбивам пропаѓање.

Сакам да сум немирна и слободна исто како оваа огромна површина вода која ја гледам пред себе, од која учам дека внатре во мене ќе биде бескрајно сино, само и само ако поминувам низ стравовите, промените и нејасностите онака како што тоа го прават нејзините бранови. Храбро, гласно и со една посебна страст. Битно е да се има таа страст, да се вади и да се расфрла насекаде, затоа што дава смисла и нешто да се прави преку неа. Да се пишува, да се создава, да се тагува, да ѝ се даваат нови имиња и цели.

Вдишувам и издишувам преку ова што го помислив и сфаќам колку ми е важно да се потпирам на самата себе со овие размисли. Да останам во постојан судир со апатијата . Да останам/останеме немирни и храбри како езерскиве бранови што ги гледам или во континуиран обид за опстојување на таа идеја. Кревам глава од оваа прекрасна глетка пред мене и знам дека се чувствувам многу добро, по подолго време. Тоа е добра почетна точка.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни