Екстремната жештина во Португалија минатата недела уби 264 лица, според податоците објавени од Португалскиот генерален директорат за здравство. Екстремната жештина предизвика смртни случаи, особено кај лицата со хронични заболувања и кај оние над 75 години.
Владата на Португалија прогласи состојба на тревога поради ризикот од шумски пожари, особено поради новиот топлотен бран што почнува денеска и се очекува да ја погоди земјата до 7 август.
Португалското Министерство за внатрешни работи соопшти дека оваа недела ќе биде тешка, а црвена тревога е издадена за пет области. Според властите, се очекува нагло зголемување на температурите низ континентална Португалија, со вредности што ќе достигнат или надминат 40 степени.
Препораката до граѓаните, особено оние што припаѓаат на ранливите групи – бремени жени, деца, постари лица, лица кои страдаат од хронични заболувања, е да не излегуваат без итна потреба помеѓу 11 и 16 часот, како и да се заштитат од топлината и да пијат доволно течности.
Во Португалија моментално се активни повеќе од 90 пожари, кои ги гаснат речиси 2.000 пожарникари, со поддршка на 616 копнени возила и 22 авиони.
Според Европскиот систем за информации за шумски пожари, од почетокот на годината во Португалија изгореле над 25.700 хектари шумска површина.