Според обвинителите, повеќе од две децении, основачот на музичката издавачка куќа „Бед Бој Рекордс“ ја користел моќта и престижот стекнат со градење хип-хоп империја за да „уништува млади животи“, објави АП.
Обвиненијата вклучуваат таканаречени забави „Freak Off“, оргии потхранети со дрога, каде што жените биле принудувани да имаат сексуални односи со машки проститутки додека Комбс го снимал настанот.
Повеќе сведоци тврдат дека Комбс ги заплашувал луѓето за да ги замолчи, користејќи насилство како што се давење и удирање.
Иако Комбс призна еден чин на насилство, јавен напад врз неговата поранешна девојка, пејачката Кеси, неговите адвокати велат дека останатите обвинувања се лажни.
Изборот на порота е закажан за понеделник во федералниот суд на Менхетен, а сведочењето би можело да започне следната недела.
Доколку биде осуден по сите точки од обвинението, Комбс се соочува со повеќе години затвор.
Иако десетици жени го тужеа Комбс за злоупотреба, ова судење ќе се фокусира на тврдењата на четири жени.
Една од нив е Кеси, која поднесе тужба кон крајот на 2023 година, тврдејќи дека Комбс ја злоставувал за време на нивната 10-годишна врска, вклучително и физичко малтретирање и силување.
Комбс беше обвинет минатиот септември и оттогаш е во федерален затвор во Бруклин.
Адвокатот на музичарот, Марк Агнифило, рече дека Комбс ѝ напишал „многу голем чек“ на Кеси откако таа ја поднела тужбата и дека плаќањето ги охрабрило другите да поднесат лажни тврдења.
Ова не е прво судење на Комбс – во 2001 година тој беше ослободен од обвинението за носење нелегално оружје во клуб во Њујорк каде што три лица беа ранети во пукотница.
Раперот од кругот на пријатели на Комбс, Џамал Бароу, познат како „Шајн“, беше осуден за пукањето и отслужи речиси девет години затвор.
На предсудската конференција во четврток, Комбс рече дека го отфрлил договорот за признавање на вина што ќе му донел помала казна доколку биде осуден.