Во петок започнува 37. издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“

Во петок, 15 август, со почеток во 21 часот во Велестово со поетскиот портрет на Андреј Ал-Асади, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, започнува 37. Поетска ноќ во Велестово. На годинешното издание на интернационалниот фестивал ќе настапат шеснаесет поети, музичари и уметници од вкупно од шест држави (Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија).

По претставувањето на поетскиот портрет на Андреј Ал-Асади, годинешниот поет во фокус на „Поетска ноќ во Велестово“, ќе следува интернационалното поетско читање „Имаго“, на кое ќе настапат поетите од странство. Истата вечер, од 22:30 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово ќе биде отворена и изложбата „Непредвидливи соочувања“на академскиот сликар Стефан Младеновски.

Следните два дена ќе се одржат и две книжевни промоции на стихозбирки од Мирослав Кирин од Хрватска и на Фарид Хусеин од Азербејџан, како и две интернационални поетски читања, едното во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово и завршното поетско читање ќе се одржи в недела, на 17 август, во кафе и бар „Шила“ во Охрид. Во програмата предвиден е и кус музички концерт на Игор Климовски (соло хармоника), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.

Околу годинешното издание и она што може да го очекуваат посетителите оваа година, програмската директорка на фестивалот Јулијана Величковска изјави:

– Подготовките за 37. Поетска ноќ во Велестово се при крај, остануваат уште некои детали, организирање на просторот во Велестово, за сретселото и тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ следниот викенд да послужат како сцена за поетски читања, за книжевни разговори, за музички концерт и за ликовна изложба. На фестивалот ќе претставиме 16-мина поети, музичари и ликовни уметници што ни доаѓаат од шест земји: Ирска, Хрватска, Азербејџан, Бугарија, Романија и Македонија. Во фокус годинава е македонскиот поет Андреј Ал-Асади, а ќе биде отворена и ликовна изложба на академскиот сликар Стефан Младеновски. Покрај нив ќе настапат уште и Мирослав Кирин и Рената Јамбрешиќ Кирин од Хрватска, Фарид Хусеин од Азербејџан, Рошин Кели од Ирска, Поли Муканова од Бугарија, Анисија Ангел од Романија, како и домашните поети: Лулзим Хазири, Ивана Јовановска, Маја Мојсова, Стефан Костоски, Павлина Атанасова, Марија Ангеловска и Емануела Ковачевска Китановска. Фестивалот ќе биде отворен со кус музички концерт на хармоника на младиот Игор Климовски кој потекнува од Велестово, а живее во Охрид.

Фотографии: Eмилија Трајковска

Одржувањето на овој фестивал како чинител на културната сцена во Македонија, носи свои предизвици кои низ годините треба успешно да се менаџираат за да се одржи овој значаен континуитет. И покрај зголемените трошоци и ниските средства, Величковска потенцира дека ентузијазмот и желбата да се прикаже добра програма се водилки низ предизвиците што ги мотивираат:

– Предизвиците, главно, се од аспект на несоодветно малиот буџет со кој располагаме за реализирање на  обемната програма што како фестивал со толку голема традиција и интернационален успех и значење ја планираме. Поскапувањата на цените за сместувањето, храната, патните трошоци, другите услуги, како: печатењето, осветлувањето и озвучувањето и слично, влијаат така што мораме да го намалиме бројот на учесници, да ја скусиме планираната програма, да вложиме сопствени средства и да бараме спонзорства за достоинствено да ги пречекаме и да ги претставиме нашите гости. Сето друго што е потребно – многу љубов и ентузијазам, па дури и инает да не се потклекне пред предизвиците, желбата да се прикаже квалитетна програма, да се фрли светло врз креативната работа на нови автори или на новите дела на некои од авторите што и претходно гостувале на фестивалот, ги имаме во изобилство. Ја имаме и најпрекрасната и најверната публика што ни доаѓа и од самото Велестово, и од Охрид, но и од сите други градови на земјата, и затоа со радост ги привршуваме подготовките и се надеваме на убава енергија, на градење нови врски и пријателства меѓу учесниците и нови меѓународни соработки и книжевни размени – вели Јулијана за Трн.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на поетите од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”), Загреб.

Постерот за годинешното издание на фестивалот е посветен на пеперугите на Галичица, со цел да се подигне свеста за нивната заштита. Автор на постерот е Андреј Павлов.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни