Симфониското дело, поставено на музика во 1928 година и за прв пат изведено на 22 ноември истата година во париската опера Гарние, првично било музика за балет што познатата руска балерина Ида Рубинштајн му ја нарачала на Равел, нејзиниот пријател, чиј покровител била таа.
На изложбата во Градот на музиката, која опфаќа неколку музички институции во Паркот де ла Вилет, во 19-тиот арондисман на Париз, публиката ќе може да се нурне во историјата на ова дело кое се сметало за авангардно и ќе да може да види бројни предмети, како партитури, метрономи и облека и мебел, но и фотографии кои ја откриваат личноста на композиторот и да слушаат досега невидена изведба на „Болеро“ во изведба на парискиот оркестар на огромен екран.
Изложбата е организирана по повод 150-годишнината од раѓањето на Морис Равел (1875-1937), што ќе се слави следната година. Изложбата ќе трае до 15 јуни 2025 година.
„Тоа е едно од најизведуваните музички дела во светот, 16-минутно оркестарско дело кое се карактеризира со репетитивна, хипнотичка структура. Изведбата на ‘Болеро’ во светот започнува приближно на секои 10 минути“, рече Пјер Корзилиус, музиколог и директор на одделот за уметност и култура на колеџот Бернардинс.
Партитурата е „минималистичка“ со монотона мелодија и „континуиран ритам“ што се повторува 169 пати, пред крешендото и конечниот „удар што дава печат на грандиозност“, истакна Корзилиус.
Изложбата е посветена и на изворите на инспирација на Морис Равел: неговата љубов кон Баскија (мајка му е од францускиот дел на Баскија), но и неговата фасцинација со машините и индустријата, што не е изненадувачки бидејќи неговиот татко Џозеф Равел бил швајцарски пронаоѓач и индустријалец.