Во време кога мобилните телефони практично станаа дел од нашето тело, еден италијански ресторан ги замолува гостите да ги остават во посебни фиоки под клуч при влезот, за да се вратат на традицијата на уживање во дружењето. Во еден ресторан во центарот на Верона постои правило дека употребата на мобилни телефони за време на вечерата е забранета.
Целта, секако, е да уживаме во друштвото на луѓето со кои сме дошле во ресторанот исто како некогаш, кога не го прекинувавме соговорникот за да ја прочитаме штотуку пристигнатата порака, ниту пак му дававме предност на мобилниот телефон, игнорирајќи ја личноста која е со нас во друштвото.
Местото се вика „Кондоминиум“ и во него при влегувањето сите мобилни телефони се заклучуваат во фиоки кои личат на поштенски сандачиња, какви што навистина постојат во италијанските станови и остануваат таму додека сопственикот на телефонот не ја плати сметката. На овој начин, сопствениците на ресторани сакаат да го вратат човечкиот контакт и да направат се гостите да се чувствуваат како дома.
„Ако телефонот стане дрога, тоа не е добро. И за жал, веќе создаде вистинска зависност кај луѓето кои наместо да живеат вистински животи, живеат во виртуелен свет на социјалните мрежи. Ова е едно од големите ограничувања на технологијата“, смета Анџело Лела, косопственик на ресторанот.
„Забележавме дека гостите разговараат со оние на соседните маси, споделуваат неколку зборови за храната или нешто друго, бидејќи сега немаат можност да ја сликаат храната и да ја прикачат на интернет“, додава Федерико ди Ерхиа, косопственик на ресторанот.

Кога гостите ги оставаат телефоните во поштенското сандаче, за возврат добиваат шише вино. И менито е необично.
Гостите можат да учествуваат во подготовката на рецептите бидејќи кујната е отворена и може да се види се што се случува.
Телефоните ни одземаат три месеци од животот секоја година
Секој ден поминуваме часови на нашите паметни телефони и крајниот резултат е три месеци секоја година, покажува истражувањето. Шест часа и 37 минути е просечното време што едно лице го поминува на телефон или компјутер на глобално ниво. Италијанците трошат 35% од своето време користејќи ги овие уреди, а 21% велат дека се вознемируваат ако поминуваат премногу време подалеку од своите телефони.
Ресторанот „Кондоминиум“ се обидува да го поправи тоа барем за време на вечерата во нивниот ресторан, а рецензиите не се онлајн, но сопствениците бараат од гостите да ги напишат рачно и да ги стават во поштенското сандаче во согласност со нивната желба да ги вратат старите добри времиња.