Во Лонгјарбиен на норвешкиот остров Свалбард во моментов трае поларната ноќ. Тоа е природен феномен кој се јавува северно од арктичкиот круг и јужно од антарктичкиот круг, при што сонцето не изгрева над хоризонтот. Токму затоа е темно во текот на 24-те часа.
Времето во кое сонцето не изгрева зависи од географската локација на местото – на овој норвешки архипелаг во Арктичкиот океан поларната ноќ трае од крајот на октомври до почетокот на февруари. Во текот на месец јануари ноќе е во девет часот наутро кога повеќето од 1800-те жители почнуваат со работа, напладне е темно кога ручаат и по 17:00 часот кога се враќаат дома. Небото само повремено е прошарано со прекрасните светла на поларната светлина.
За да се одржи чувството на нормалност, домовите, улиците и работните места се осветлени со силни светла, а многумина користат и светилки за светлосна терапија. Тие имитираат сончева светлина, го подобруваат расположението, концентрацијата, квалитетот на сонот и енергијата.
Во овој период локалното население се препушта на активности на отворено – од возење со чевли на снег до скијање во крос-кантри. Просечната јануарска температура во Лонгјарбиен е околу -6 степени целзиусови. Бидејќи таму ништо не расте, ниту во лето, ниту во зима – целата храна се доставува со брод и авион и е прилично скапа. Поради опасност од напади на поларна мечка, секој мора да биде опремен со соодветни средства за одбрана.
Инаку, Лонгјарбиен е најсеверниот град во светот. Се наоѓа на норвешките острови Свалбард и има околу 2.000 жители, главно Норвежани и Руси.