Според податоците на Евростат, во некои земји-членки дури три четвртини од населението едвај успеваат да ги покријат основните трошоци за живот.
Речиси половина од домаќинствата во Европската Унија се соочуваат со финансиски тешкотии и се борат да ги покријат основните трошоци за живот, според најновото издание на публикацијата „Клучни бројки за условите за живот во Европа 2025“, објавена од Евростат.
Податоците за 2024 година откриваат дека 17,4 проценти од домаќинствата во ЕУ имале големи или сериозни тешкотии да врзат крај со крај, додека 26 проценти рекле дека тоа било лесно или многу лесно. Останатите, 56,6 проценти од нив, живеат „на работ“, наведувајќи дека се снаоѓаат „со средна леснотија“ или „со одредени тешкотии“.
Кога ќе се соберат сите категории, излегува дека дури 41,6 проценти од домаќинствата во ЕУ во 2024 година имале барем одреден степен на финансиски тешкотии.
Разликите меѓу земјите-членки се огромни: додека во Германија (18,1 процент) и Холандија (19,3 проценти) помалку од една петтина од домаќинствата пријавиле проблем со покривање на трошоците, во Бугарија (77,2 проценти) и Грција (86,2 проценти) тој удел надминува три четвртини од вкупното население.
Финансискиот притисок се чувствува и преку трошоците за домување и енергија. Според извештајот, 9,2 проценти од жителите на ЕУ не можеле да си дозволат соодветно греење на домот во 2024 година, што е мало намалување во споредба со 10,6 проценти од претходната година. И тука разликите меѓу земјите се остри: во Финска тој удел е само 2,7 проценти, додека во Бугарија и Грција достигнува речиси 20 проценти.
Во пет земји-членки ситуацијата уште повеќе се влоши, Луксембург и Малта забележаа најголемо зголемување на бројот на луѓе кои не можат да си дозволат греење (за 1,5 и 1 процентен поен), додека во Холандија бројките останаа стабилни. Најголем пад е забележан во Португалија, каде што уделот на засегнатите граѓани се намали за 5,1 процентен поен.
Публикацијата „Клучни бројки за условите за живот во Европа“ дава преглед на секојдневниот живот во ЕУ, од распределбата на приходите и нееднаквоста, преку интензитетот на работата и грижата за децата, до здравјето, попреченоста и дискриминацијата, нудејќи увид во тоа како Европејците навистина живеат денес и со што се борат.