Во оваа земја не можете да ја преминете границата ако резервоарот не ви е наполнет најмалку три четвртини

Практиката на точење поевтино гориво во соседна земја одамна е позната меѓу европските возачи, но Сингапур успеа да ја ограничи на оригинален и ефикасен начин: со правило кое забранува излез од земјата ако резервоарот не е наполнет најмалку 75 проценти.

Сингапур важи за една од најскапите земји во светот кога станува збор за поседување автомобил. За да може некој воопшто да купи автомобил, најпрво мора да плати т.н. „Сертификат за право на сопственост“ (COE), кој чини околу 70.000 евра. Дополнително, купувачот треба да плати и посебна регистрациска такса (ARF), која се пресметува според вредноста на возилото и може да достигне дури и до 320% од цената на автомобилот.

Иако цените за поседување возило се високи, цената на горивото во Сингапур е релативно стабилна – околу 1,90 евра за литар. Но, во соседна Малезија литар бензин чини само 0,40 евра, што ги поттикна многу возачи да го минуваат патот од околу 50 километри до границата само за поевтино да наполнат гориво.

Со цел да се спречи ова, Сингапур ја воведе мерката позната како „правило на три четвртини“. Според ова правило, ниту едно возило со сингапурски регистарски таблички не смее да ја напушти земјата доколку нема најмалку 75% наполнет резервоар – правило кое важи за бензински, дизел и возила на компримиран гас. На граничните премини се вршат редовни и строги контроли, а прекршителите можат да бидат казнети со парична казна до 500 сингапурски долари (околу 330 евра) и обврска да се вратат и дополнат гориво.

Додека некои ова го сметаат за претерана регулација, други гледаат пример за државна дисциплина и доследност. Сингапур уште еднаш покажува дека редот, инфраструктурата и правилата се прашање на принцип – дури и кога станува збор за гориво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни