Во Охрид почнува 31. Балканска олимпијада по информатика

На БОИ 2024 ќе учествуваат: Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија.

Млади информатичари од 15 земји ќе учествуваат на 31. Балканска олимпијада по информатика кој ќе се одржи од денеска до 26 септември во Охрид.

Домаќин на натпреварот во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа е Македонија, односно Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ).

На БОИ 2024 ќе учествуваат: Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија.

Проф. д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ ја потенцираше долгогодишната посветеност на организацијата за промовирање на постигнувањето исклучителни резултати во областа на информатиката. Важна е улогата на БОИ во поттикнувањето на соработката меѓу балканските народи и инспирацијата на млади таленти во областа на технологијата и иновациите.

– Горди сме што сме домаќини на натпреварот. Ваквите настани имаат суштинска улога во обликувањето на новите ИТ кадри во регионот. БОИ 2024 е натпревар помеѓу новите генерации информатичари, но истовремено е и платформа во чии рамки младите умови се здружуваат, се запознаваат со различни култури, се дружат, се вмрежуваат и разменуваат искуства од сферата на информатиката и иновациите, инспирирајќи се меѓусебно и претставувајќи еден вид стимул едни за други. Со поттикнување на овој дух на соработка и конкуренција, ја негуваме следната генерација лидери во технологијата, што е од витално значење за континуираниот раст и развој на нашето општество – вели Јованов.

Тој не ја криеше личната сатисфакција што Балканската иницијатива која стои зад организацијата на БОИ се подобрува секоја година, а сè повеќе земји кои го опкружуваат Балканот се заинтересирани да пристапат во иницијативата.

– Во последните неколку години ни се придружија Словенија, па Италија, а веќе три години интерес за приклучување покажува и Украина – рече Јованов кој претседава со иноцијативата.

Тој се заблагодари на спонзорите, поддржувачите и помагателите, чија поддршка го овозможи настанот. Информатичарите, исто како и останатоте научни здруженија-организатори на мешународните проблиме годинава се соолија со тешки финансиски проблеми зашто со згаснувањето на Агенцијата на млади и спорт згасна и единствената државна поддршка што ја имаа. Јованов повика на поголема вклученост на компаниите и институциите во поддршка на ваквите иницијативи, заеднички да овозможиме посветла иднина за нашата младина и идна работна сила.

Поддржувач и пријател на БОИ е „Сорсикс“ (Sorsix), една од водечките ИТ компании во Македонија која додели ваучери за платена пракса за осумтемина македонски учесници. Според извршниот директор Далибор Фртуник, важна е вклученоста на приватниот сектор како општествено-одговорни ентитети, во поддршката на ваквите иницијативи кои ги оформуваат идните професионалци во технолошката индустрија.

– „Сорсикс“ ја препознава вредноста на иницијативите како Балканската олимпијада по информатика. Како компанија која повеќе од 12 години работи и создава ИТ решенија од областа на здравството во Македонија, но и ширум светот, сериозно ја сфаќаме оваа одговорност. Со поддршка и инвестирање во овие брилијантни млади умови, помагаме во обликувањето на иднината на информатичката технологија – рече Фртуник.

„Сорикс“ обезбеди едномесечна платена пракса за македонските учесници. Еден од македонските учесници во името на нашиот тим се заблагодари на ЗИМ и „Сорсикс“ што го препознале нивниот потенцијал и им овозможиле простор за дополнителен развој и примена на наученото.

Балканската олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Секоја година домаќин е различна земја, членка на БОИ иницијативата.

На олимпијадата секоја држава има право да учествува со најмногу четири ученици/ натпреварувачи кои претходно се избираат според постигнати највисоки државни резултати. Државата-домаќин може да има два тима.

Најново

Последни колумни