„Барајќи решение како да се справам со акните на лицето почнав да истражувам нешто повеќе за органската козметика. Во тоа се вклучи и мајка ми и така пред една година почнав да изработувам органски сапуни од козјо млеко“, вака ја почна приказната 27 годишната скопјанка Јована Сиљановска за своите уникатни, рачно изработени органски сапуни.
Сиљановска е млада и креативна личност која ја сака природата, ужива во планинарењето, возењето велосипед и во друштво на добра книга. Посочува дека нејзино хоби е кик боксот кое и помага да се справи со секојдневниот брз начин на живот, додека изработката на природни сапунчиња и е хоби кое и ја буди креативноста и е нешто што навистина ја одмара и исполнува.

„Мотивот за изработка на природни сапунчиња ми дојде така што долго време бев во потрага по некој препарат за лице кој ќе ми помогне во борбата со акните. Имав доста осетлива кожа склона на мозолчиња кои многу ми пречеа, се обидував на различни начини да се ослободам од нив, но беше неуспешно се додека со помош на мојата мајка, која исто така беше доста заангажирана во тој поглед, не дознавме дека има начин да си направам сама природен сапун кој може да ми го реши тој проблем. Така и беше, се заинтересирав кој е процесот на изработка на природни сапуни и тогаш го направив сапунчето со кокосово масло и активен јаглен. Бев упорна со користењето на сапунчето и по краток период почна да делува позитивно и за брзо време целото лице ми се исчисти“, вели Сиљановска за Трн, додека од калап ги вади последните органски сапуни со арома на лаванда.
Откако си помогнала сама на себе се одлучила своето искуство да го сподели со блиските пријатели и роднини. За кратко време сфатила дека луѓето околу неа пројавуваат се поголем интерес за природните сапунчиња.

„Процесот за изработка се состои од мешање на природните масла со каустичната сода, се додава етерично масло по избор и јас додавам природни бои – пигменти кои даваат многу поинаков лик на сапунчето, потоа соединетата смеса се става во калап кој го оставаме да отстои од еден до два дена во зависност од густината за да се зацврсти. Кога ќе го извадиме од калапот го оставаме да се суши од четири до шест недели, а потоа е подготвен за користење“, објаснува Сиљановска.
Сепак патот од суровини до финален производ и не е така лесен, особено ако сте почетник, низ шега вели Јована. Смета дека скоро секој може да ја научи техниката, ако се потруди, но проблем е наоѓањето материјали за изработка на органски сапуни.
„Суровините за изработка на сапунчињата не се наоѓаат така лесно, јас доста истражував од каде можам да купам масла, бои, етерични масла и тоа е најчесто од продавниците за здрава храна или од соседните држави“, истакнува Сиљановска, правејќи план за тоа од какви ароматични масла да бидат следните органски сапунчиња.

Навраќајки се низ времето се сеќава дека не секое сапунче излегувало како што треба, особено на почетоците. Истакнува дека и се случувало да додаде повеќе етерични масла и со тоа да се добие чудна структура или пак да се измести калапот и сапунчето да добие чудна форма. Но понеколку обиди, усовршувајќи го процесот, таквите проблеми веќе се минато. Доказ за тоа дека Јована Сиљановска е повеќе од мајстор за органски сапуни е и се поголемиот број на луѓе кои се интересираат за истите.
„Се повеќе луѓе пројавуваат интерес за природни производи и им е многу важно со каков препарат ќе ја третираат својата кожа. Некако се повеќе се осврнуваат кон поздравиот и природен начин на живот и мене ми е многу мило што можам барем со нешто да придонесам за да создавање на таа здрава навика“, додава Сиљановска.

Следниот пат кога ќе помислите дека во денешно време се е измислено и нема простор за креативност сетете се на скопјанката Јована Сиљановска. Барајќи спас за себе таа создаде ново хоби, помагајќи им и на останатите.