,Жените во уметноста” е насловена изложбата на слики што вечерва беше отворена во Музеј на град Неготино. Со свои слики учествуваат жени уметници и уметници – аматери од Тиквешијата, од Неготино и Кавадарци. Изложени се ликовни дела во различни техники како акрил на платно, масло на платно, принт, пастел и друго.
„Жената како тема за анализа е присутна во голем број аспекти од уметноста, во филмската уметност, во ликовната уметност, литературата, музичката уметност и слично. Но, таа не претставува само објект, туку и субјект кој активно учествува и придонесува во тие остварувања. Со вечерашната изложба во музејот во Неготино, со изложените сликарски дела создадени од жените од Тиквешијата, се потврдува длабоката увереност дека творештвото нема полова одредба. Жените отсекогаш биле инволвирани во уметноста, било тоа да го прават самите, или да бидат инспирација, да творат, критикуваат и пишуваат, да создаваат нови добра. За среќа денес, се поголемо е влијанието на жената низ сите сфери на животот, но борбата за афирмација продолжува и натаму“, подвлече Драгица Чекоровска, автор на неколку слики, инаку виш кустос советник во музејот и поранешна неколкугодишна директорка на оваа културна институција.
На присутните учеснички на изложбата, директорот на Музеј на град Неготино, Александар Донов им додели благодарници и по еден цвет, како благодарност и внимание за претстојниот празник 8 Март.