Ненад Ѓоргиевски: Во недела сум мајстор на скара

Ненад Ѓоргиевски е ТВ и радио водител, а од пред неколку години и продуцент на радио и ТВ емисии. За себе вели дека работата во медиуми никогаш не ја гледал како инстант занимација туку професија со која се занимава целиот живот. Уште во детството знаел што ќе работи и тоа публиката може да го види веќе 30-тина години. Во моментов покрај редовната работа во Утринската на Телма, редовно се дружи и со слушателите на Радио 2. Меѓу другото Ѓоргиевски секојдневно снима и војсовери за радио и ТВ реклами, а во неговата професионална биографија се и караоке забави. Од неодамна го започна и својот нов бизнис со безконтактни бизнис картички и стикери „ONEtap“.

Недела наутро:
Најчесто, неделите ги дочекувам во мојата викендица. Ранобудни сме сите по дома, па веќе во седум наутро го пијам првото утринско кафе без разлика дали е викенд или работен ден. Потоа следуваат активности низ двор, разладување во вода или прошетка во природа и дружба со семејството и пријателите.

Неделен ручек:
Ги сакам традиционалните македонски јадења и ретко практикувам да ручам надвор од дома. Имам среќа што сопругата обожава да готви, па секојдневно дома ме чека вкусна трпеза. Во неделите кога имаме пријатели во викендицата, преферираме дружби со фино мезе и скара, за која најчесто јас сум мајсторот.

Недела попладне:
Во недела попладне најчесто се подготвувам за работните активности за тековната недела. Дефинирам теми и гости за Утринска на Телма, тековни активности во мојата продукција и сл.

Неделно опуштање:
Рецепт за убав неделен ден, природа, драги луѓе и вкусна храна. Не треба повеќе 😊

Недела навечер:
Недела вечер, пуканки, добар филм и цела фамилија пред ТВ.

Недела во детството:
Недела во детството, ден за пишување домашни, бањање и задолжителен семеен ручек. Традицијата на собирање на семејството за ручек, не само во недела и денес ја практикувам.

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Кога ја работиш работата која што ја сакаш не е проблем што утре е понеделник, тоа додека бев ученик тешко ми паѓаше 😊

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни