Марио Арангеловски: Во недела сакам да спијам со исклучен телефон

Марио Арангеловски се името и презимето на 27 годишниот кумановец кој добро и е познат на македонската, особено помладата публика. Веќе долги години се занимава со музика, поточно, пеење, а од пред неколку години е активен и на социјалните мрежи, каде што работи инфлуенс маркетинг. Тој е вработен во Општина Куманово, веќе пет години, а моментално е и В.Д. Директор на Фондација за култура и спорт при локалната самоуправа, трет мандат. Инаку е дипломиран социолог. Во далечната 2010 година прв пат се појавува на телевизиските екрани, како учесник на Македонски идол. Потоа, учествува на уште неколку музички и реални шоуа во Македонија, Србија и Бугарија, по што, особено препозналив станува со неговото учество во „Ѕвездите на Гранд”.

Недела наутро:
Недела е единствениот ден во неделата кога спијам со исклучен телефон. Тогаш единствено можам да си дозволам мирен сон, без ограничувања. Со оглед на тоа дека веќе неколку месеци, заедно со мојот фитнес инструктор – Паки, сум посветен на мојата животна трансформација, односно, тренирам и здраво се хранам, во недела секогаш си ги јадам најубавите оброци, кои сам ќе си ги подготвувам. Тоа неретко е некоја овесна каша, со многу овошје или сочен омлет, со многу протеини. Но, пред појадокот, приоритет ми е мојата утринска рутина. Тивка, пријатна музика, со многу кафе, без луѓе. Уживам во тој утрински мир, кој во последно време ми е и повеќе од неопходен. Во недела најчесто станувам покасно од вообичаеното, оти сабота е ден за социјализација, ноќен живот и журки. Па, неретко знам да се разбудам мамурен и утринската рутина, всушност, да не биде баш утринска, хаха. И да, недела е единствениот ден во неделата кога теретаната во која што тренирам не работи, па, дента сум растеретен од сите обврски.

Недела ручек:
Како што напоменав, веќе неколку месеци сум посветен на мојата животна трансформација. Па, со самото тоа, се стекнав со обврска сам да си го подготвувам оброците. За ручек најчесто јадам пилешко со зеленчук, рижото или по некој специјалитет кој сам ќе ми се наметне благодарение на намирниците со кои што располагам во тој момент. Иако, да не грешам душа, се што ќе зготви мајка ми, соодветствува на она што јас можам да го јадам и во текот на мојата трансформација, па ручекот неретко ми е обезбеден. Во случај да сум излезен, секогаш одбирам да каснам нешто вкусно, во некој ресторан.

Недела попладне:
Во недела најчесто оставам работите да се случуваат спонтано, не се оптеретувам со никаква организација, освен ако немам организирано некое патување. Најчесто, попладневно, сакам да се одморам убаво, да прошетам во природа, да испијам по некое кафе со пријателите и доколку ми остане време, да читам. Во последно време, многу поретко гледам филмови и серии, а, многу почесто читам. Во случај нешто да гледам, тоа се некои јутуб видеа. Ако сум бил излезен во саботата, веќе во недела цел ден знам да го поминам во кревет…

Недела навечер:
Скоро па никогаш не излегувам во недела, оти, во понеделник работам, па, тоа никако не ми оди во прилог. Но, знам да излезам на некое кафе, или да се повозам со кола, со гласна музика, сам со себе. Тоа е и период кога сите знаеме да се присобереме по дома, да се видиме, да си направиме муабет. А, кога сме кај социјалните мрежи, неретко имам навика во недела, кога сите се дома, генерално, на Инстаграм да објавам бокс во кој што луѓето кои ме следат, имаат прилика да ми постават по некое прашање, па, така со часови одговарам и се анимирам.

Недела во детството:
Се сеќавам на еден момент, на кој што и ден денес кога ќе помислам ми е топло во душата. Сите четворице, дома, на куп. Татко ми, мајка ми, сестра ми и јас. Појадуваме пржени кришки, со сиренце и ајвар и гледаме „Сител бамбини”, на времето. Инаку, додека бевме деца, со сестра ми, особено во недела, кога не сме на училиште, правевме по дома бункери, шатори, зборувавме на некој наш, измислен јазик. Преубави неделни спомени.

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Интензивно работам на себе и се трудам помислата на понеделник да не ми предизвикува стрес. Уживам секој ден, од понеделник до недела, без разлика на околностите или обврските кои ме очекуваат. Некогаш стресот преовладува, па, не ми е апсолутно сеедно, но, тоа е природно и нормално, претпоставувам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни