Недела наутро:
Природата на мојата работа и фактот дека работни обврски имам и за време на викендите, празниците, исто како и останатите денови од седмицата, прави неделното утро сега да не е толку различно од останатите. Кога недела е слободен ден, тогаш пред сè не станувам рано. Кафето кое во недела заедно со сопругот имам луксуз да го пијам колку долго време сакам, е еден од моите омилени ритуали. Се разбира со убава музика, дома.
Неделен ручек:
Неделниот ручек е на некој начин празник за мене, затоа што тогаш јас и Горан уживаме и поминуваме време со родителите и најблиските. Најчесто во недела готви мојата или неговата мајка, се разбира со нив никој на светот не може да се натпреварува на оваа тема, затоа што на масата секогаш има по нешто за сечиј мерак и вкус. А дома, гурман и „мастер шеф“ е сопругот. Сака да готви, знае да зготви сè, а редовно се обидува да на прави и некои нови, вкусни рецепти. Мои омилени јадења од оние кои тој ги подготвува се: рижото со зачини и зеленчук и суши.

Недела попладне:
Недела попладне е резервирано за одмор дома, а кога временските услови се убави тогаш сигурно за прошетка или кафе со пријатели, најчесто во Дебар маало.
Неделно опуштање:
Добар филм или книга се супер начин за релаксација. Ако има некое атрактивно натпреварување на ТВ или пак во живо во Скопје, тогаш сакаме да гледаме пренос или на трибина. Во последно време неделното попладне го користам и за вежбање или пешачење на Водно, затоа што кога е во прашање спортувањето, никогаш не стекнав рутина за спорт рано наутро, туку поудобно за мојот организам е кога тоа го правам во попладневни часови.

Недела навечер:
Во недела навечер најчесто си легнувам рано. Досадно во никој случај не е. Доколку во понеделник имам снимања и работни обврски, сигурно барем мал дел подготовка за следниот ден имам, пред седмицата и официјално да заврши.
Недела во детството:
Недела во детството ја поминував најчесто во маало. Пораснав во Ново Лисиче, се дружевме многу и поминувавме голем дел од времето во игра, онаква каква што сега веројатно речиси и да нема, без мобилни телефони, додека не слушнеме дека од прозор родителите довикуваат да се вратиме дома. Со дел од тие другарчиња, се дружиме до ден-денес и се меѓу моите најдобри пријатели. Ручекот и убавата атмосфера дома исто така ми се синоним за недела, затоа што времето поминато заедно со семејството во недела траеше подолго отколку во работните денови.

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Зависи од тоа колку била напорна седмицата која завршува. Не сум од оние кои го мразат понеделник, но некогаш фактот дека утре е понеделник знае да ме потсети и алармира дека ми треба малку повеќе време за себе и за одмор поради нестандардното работно време кое го имам.