„Оваа недела, 16.02.2025 во 17:00 часот, со почетна локација пред Влада, излегуваме на протестен марш! Не само како поединци, туку како заедница! Потребни сме му на нашиот град и на нашето општество заедно, како колектив што бара одговорност, неселективна правда и безбедност за секој граѓанин“ велат организаторите.
Во објавата за протестот се истакнува дека системот што треба да заштитува потфрла, затајува и секојдневно ја докажува неговата нефункционалност која ги крати животите.
„Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да ги направи вистинските промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции“ велат од иницијативата „Кој е следен“.
Тие повикуваат на промени и ставање крај на неказнивоста, небезбедноста и на ниските стандарди во кои живееме, за кои велат, дека повеќе нема да се помируваат.
„По одржаните јавни форуми, со вашата поддршка и стручната јавност, подготвивме конкретни мерки и барања до институциите, кои ќе овозможат поправеден, пофункционален и побезбеден систем за сите нас. Бидејќи заслужуваме подобро“ велат организаторите.
Од иницијативата „Кој е следен“ истакнуваат дека овој протест е шанса за адресирање на барањата како приоритети за унапредување на системот:
1. Безбедни улици и градови;
2. Неселективен правичен систем;
3. Едуцирана младина со морален компас во вистинската насока.
„Време е заедно да го побараме она што ни следува како граѓани на оваа држава – за оние кои ги загубивме, за нас и за сите што доаѓаат по нас. Моќта е во наши раце. Моќта е во народот“ повикуваат организаторите.