Мажи во црно во Сплит прекинаа културен настан на српската заедница

Градоначалникот на Сплит и повеќе политички партии остро го осудија инцидентот што се случил во просториите на градскиот котар Блатине, кога група од околу педесет млади лица упаднала и го прекинала програмот на Деновите на српската култура и настапот на културно-уметничкото друштво од Нови Сад.

Според сведоштва, мажите биле облечени во црни маици и капи, а дел од нив скандирале „За дом спремни“, тврдејќи дека настанот не треба да се одржи во „месецот на одбележувањето на падот на Вуковар“.

Реакција на градските власти

Градоначалникот Томислав Шута изјави дека Сплит мора да остане „град на безбедност, толеранција и почитување за сите граѓани и гости, без разлика на нивната национална или верска припадност“. Тој нагласи дека во „месец на тага и сеќавање на жртвите на Вуковар“ е потребно единство и достоинство, а не поделби и нетрпеливост.

Полициска интервенција

Полицијата потврди дека добила дојава околу 18:30 часот дека членовите на КУД „Велико коло“ од Нови Сад не се чувствуваат безбедно и ја напуштиле салата. По итна интервенција, тие биле пронајдени на три локации и им била обезбедена заштита.
Не е забележано физичко насилство или повредени, но е започнато криминалистичко истражување за откривање на учесниците во нападот.

Сведоштва од присутните

Свесоци за Далматински портал изјавиле дека неколкумина од групата биле повозрасни и очигледно ја предводеле толпата. „Ова беше исклучително непријатна ситуација. Не сакавме да влегуваме во расправија – само се собравме и си заминавме,“ изјавил еден од учесниците.

Потпретседателот на пододборот на „Просвјета“, Илија Борковиќ, потврдил дека некои од напаѓачите давале објаснување дека настанот е „непримерен во месецот кога се одбележува Вуковар“. Настанот се случил еден час пред почетокот на програмата, во која требало да настапат женскиот хор, драмската секција и фолклорниот ансамбл од Нови Сад.

Порталот Новости објави видео на кое се слуша еден од напаѓачите како вели: „Излезете сите, никој нема да ви направи ништо“, а на друго видео се слуша навредата „Смеќа српска“. Второто видео било отстрането од YouTube поради говор на омраза.

Политички осуди

Инцидентот беше остро осуден од повеќе јавни личности и партии:

Марјана Пуљак, пратеничка од Центар, побара градоначалникот да преземе мерки и да спречи насилство.

Движењето Можемо! изјави дека станува збор за „срамотен чин“ и побара брза реакција од градските и државните органи.

Градскиот советник Бојан Ивошевиќ изјави дека лично присуствувал за да им даде поддршка на нападнатите.

И премиерот Андреј Пленковиќ ја осуди случката, нагласувајќи дека во хрватското општество „нема место за исклучивост или нетолеранција кон националните малцинства“ и побара од надлежните тела да ги процесуираат одговорните во најкус можен рок.

Манифестацијата Денови на српската култура е планирано да трае од 3 ноември до 1 декември, со музички, драмски и фолклорни настапи, изложби и презентација на традиционална српска кујна.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни