Во Мелбурн запален автомобил со натпис „Среќна Ханука“

Во раните утрински часови на Божиќ, во предградие на Мелбурн бил запален автомобил со натпис „Среќна Ханука“, во инцидент за кој полицијата се сомнева дека е мотивиран од антисемитизам.

Настанот се случил помалку од две недели по терористичкиот напад во Сиднеј, кога цел биле Евреи кои ја одбележувале Ханука на плажата Бонди, јавува „Гардијан“.

Полицијата соопшти дека интервенирала околу 2:50 часот по полноќ во населбата St Kilda East, каде што на приодот кон една куќа горело возило со мобилен рекламeн панел. Во моментот на инцидентот во автомобилот немало лица, но жителите на куќата биле евакуирани од претпазливост. Надлежните потврдија дека истрагата е во тек и дека е идентификувано лице кое би можело да помогне во расветлување на случајот, по кое активно се трага.

Од еврејската безбедносна група CSG Victoria информираа дека нема повредени членови на заедницата. Тие соопштија дека безбедносните мерки и патроли остануваат на засилено ниво. Извршната директорка на Еврејскиот совет на заедницата во Викторија, Naomi Levin, изјави дека инцидентот е „продолжение на секојдневниот страв во кој еврејската заедница живее изминатите две години, а особено по настаните на Бонди“.

Инцидентот наиде на остри осуди од политичките лидери. Премиерката на сојузната држава Викторија, Jacinta Allen, изјави дека е информирана од полицијата и дека институциите тесно соработуваат со лидерите на заедницата. „Имаме должност да обезбедиме оваа заедница да биде безбедна и да се чувствува безбедно, како и долгорочно да работиме на искоренување на антисемитизмот и омразата“, нагласи таа.

Нападот го осуди и австралискиот премиер Anthony Albanese, кој изјави дека палењето автомобил во Мелбурн е „уште еден одвратен чин на антисемитизам“. „Во Австралија нема место за ваква омраза и таа мора да престане“, порача Албанезе.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни