Во Македонскиот КИЦ во Загреб отворена изложбата „The Vlatko Stefanovski Experience”

Пред многубројната хрватска публика во Македонскиот КИЦ во Загреб отворена е изложбата „The Vlatko Stefanovski Experience” во чест на 50-години кариера на легендарниот гитарист, објави на фејсбук страницата Центарот во Загреб.

На изложбата, отворена вчера, е претставен избор на концертни фотографии кои евидентираат различни фази од кариерата на Стефановски потпишани од Ангел Ситновски, Стефан Рајхл, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ – автори кои со години го придружуваат Стефановски на неговите бројни настапи и турнеи во Македонија, Хрватска и пошироко.

Покрај фотографиите, изложбата вклучува и промотивни материјали поврзани со соработката на Стефановски со „Теохаров аудио“, со кои заеднички ги дизајнираа познатите звучници „леџендари“ – технолошки и дизајнерски напредни уреди што добија голема популарност.

Автор на изложбата е Ненад Георгиевски, познат по долгогодишната работа како музички новинар кој посетил огромен број концерти, направил интервјуа со големи музички ѕвезди, а голем дел од интервјуата ги објавил за значајни светски музички медиуми. Според Георгиевски, „Влатко е уметник кој постојано докажува дека звукот може да биде и емотивен компас и културен идентитет“.

-Изложбата ја отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека , „низ објективот на овие фотографи, се отвора единствена визуелна архива која ја следи солистичката кариера на Влатко Стефановски – од раните соло настапи, преку бројните музички соработки, па сè до денешните концерти кои продолжуваат да ја пленат публиката со својата виртуозност и изразена емоција“, се вели во објавата од Македонскиот КИЦ во Загреб.

Бројната публика преку видео снимка ја поздравил и легендарниот гитарист, Влатко Стефановски.
На отворањето на изложбата присуствувале Маријана Петир, пратеничка во Собранието на Р. Хрватска, Горан Божиновски, вршител на работите во македонската амбасада, протоереј ставрофор Кирко Велински, парохиски свештеник на Македонската православна црква во Хрватска, претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска, Зорица Велиновска, член на Советот за национални малцинства и заменик на Советот на македонското национално малцинство во градот Загреб, претставници на Заедницата на Македонците во Хрватска, претставници на дипломатскиот кор во Република Хрватска, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани како и Македонци кои живеат, односно работат или се школуваат во Загреб

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни