Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб на 23. септември ќе биде отворена изложбата ЗАОЃАЊА на истакнатиот македонски современ ликовен уметник, со богато портфолио на самостојни и групни изложби во земјата и странство, Никола Пијанманов.
„Изложбата на Пијанманов е културен настан кој претставува важен придонес во промоцијата на македонската современа уметност пред хрватската публика, и уште еднаш ја потврдува улогата на македонскиот КИЦ во Загреб како значајна платформа за афирмација на македонските уметници надвор од границите на Македонија како и вмрежување на македонските и хрватските уметници, овозможувајќи културен дијалог и размена помеѓу двете уметнички сцени”, вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска.
Изложбата „Заоѓања” се состои од дела кои се поврзани со една единствена тема или пресек на долгогодишните искуства на Никола Пијанманов со пејзажизмот кој ја третира слободната, енформелна естетика на пејзажот. Тоа се прикази на предели, полиња, празни простори врз кои паѓа големата сенка на заоѓањето или мигот кога сонцето целосно се сокрива зад хоризонтот и од перспективата на просторот се гледа молскавичен блесок на последниот зрак. Покрај космичката, или феноменот на физиката на заоѓањето, сликите имаат и духовна димензија и метафора. Тоа е вечната борба меѓу светлината и огромната темнина која сака да ја проголта светлината. Тој судир на двата принципи не е само космички туку и микрокосмичен. Тој се случува внатре, во човечката душа. Минималистичкиот пристап на техниката, игнорирањето на детализмот во просторот, точно му дава простор на експлозивниот приказ на зракот да ја осветли празнината на земјата или тишината на небото.
„Чекорејќи по традицијата на нашите големи сликари Спасе Куновски, Димитар Кондовски, пејзажите на Томо Владимирски и Личеноски, сликарскиот пат на овој ликовен циклус е отсечка од длабоките импресии кои уметникот ги доживува во тесен дијалог со природата, со престојот во природата и соочувањето со природните стихии лице во лице. Речиси целиот опус е насликан со мое лично престојување и живот во пасторални – рурални предели каде урбаниот дух нема никакво присуство и каде тишината и пространството на полето и ридовите се огледуваат во моите философски погледи на светот”, вели Никола Пијанманов.