Во македонскиот КИЦ во Загреб, на 25. јуни (вторник), во 19 часот, хрватската публика ќе има можност да присуствува на уште еден мултимедијален настан.
Станува збор за отворање на изложба РЕФЛЕКСИИ од областа на современата македонска уметност на академските уметници Бурим Укиќи, Агрон Абдули и Берат Бекири и концерт СОПРАНИСИМО на експресивна вокална музика – од интимната убавина на германските лидови и драматичниот шарм на италијанската опера, до богатите бои на македонските уметнички песни на кој ќе настапат- македонските уметници, сопранистката и солистка во Македонската опера и балет, Злата Тошевска Димовска и пијанистката, Маја Божиновска.
Хрватската публика ќе има исклучителна можност да ужива во врвната изведба на Злата Тошевска за која музичката критика ќе каже: „Тошевска има топол спинтов глас кој ве води назад во златната ера на оперското пеење, поткрепен со неверојатна музикалност и сценичност” во пијано придружба на Маја Божиновска, професор и уметник која својата кариера ја гради со висок професионализам преку настапи на домашни и странски музички подиуми.
Изложбата РЕФЛЕКСИИ ќе ја отвори директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска која истакнува дека истата е несекојдневно доживување на која се претставени делата на Бурим Укиќи и неговото магично, мистично, а истовремено реално, чисто, јасно и смирено сликарство, потоа на Берат Беќири во чии дела доминираат апстрактни мотиви испреплетени со магијата на карпите и со моќната разновидност на триаголниците, додека Агрон Абдули низ своите портрети ја претставува нераскинливата врска помеѓу човекот, општеството и природата ослободени од своите физички граници и изведени до апстракција.
Настанот е дел од Годишната програма на македонскиот Културно информативен центар во Загреб,а поддржан од Министереството за култура и туризам.