Летување без непотребни трошоци

Во кои 18 држави Македонците може да користат бесплатна итна помош ако немате меѓународна дозвола?

Семејствотот Стојановски од скопска Автокоманда и годинава ги прави последните подготовки за летен одмор. Ќе летуваат во странство, овој пат во Албанија. Покрај хотелски и авионски резервации семејството Стојановски обезбедува и меѓународна возачка дозвола, но и приватно здравствено осигурување.

„Кога и да патуваме надвор од Македонија секогаш за сите членови вадиме приватно здравствено осигурување, а секако и меѓународна возачка дозвола. Никогаш не се знае што и како може да затреба“, вели Зоран Стојановски.

За жал, семејството Стојановски не е единственото во Македонија кое се изложува на непотребни трошоци околу патувањата надвор од границите на земјава. Во ек на летни одмори и зачестени патувања во странство од Фондот за здравствено осигурување и Министерството за внатрешни работи информираат дека со некои земји Македонија има потпишано меѓународни договори во кои важи македонското осигурување и возачка дозвола.

Секој македонски граѓанин, односно осигуреник кој ќе патува во некоја од 18-те земји со кои ФЗО има склучено меѓународен договор за социјално осигурување може да користи бесплатна итна медицинска помош. На листата се: Австрија, Албанија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Италија, Луксенбург, Словенија, Србија, Словачка, Турција, Унгарија, Франција, Холандија, Хрватска, Црна Гора и Чешка.

„Осигурените лица кои привремено престојуваат (привано или службено, студиски престој, школување и стручно усовршување, престој во врска со меѓународно – техничка, научна и културна соработка и сл.), во земји со кои Република Македонија има склучено меѓународен договор за социјално осигурување, можат да користат бесплатна итна медицинска помош, врз основа на потврда што ја издава подрачната служба на Фондот, каде што е поднесена пријавата за задолжително здравствено осигурување“, велат од ФЗО

Додаваат и дека кон барањето осигуреното лице треба да приложи и потврда за здравствената состојба, издадена од избраниот лекар, но и наод, оценка и мислење на лекарската комисија на Фондот.

Од ФЗО појаснуваат дека потврдата не се издава на осигурени лица за кои е утврдено дека боледуваат од акутни болести или акутни влошувања кај хронични болести.

Како што семејството Стојановски патува во земја со која ФЗО нема договор за социјално осигурување, а се соочи со користење на итна медицинска помош постои опција да ги рефундира средствата.  

„Надомест на трошоците за платените здравствени услуги во итни случаи за време на привремен престој во странство, осигуреното лице остварува врз основа на барање. Кон барањето (образец 3 лекување во странство) осигуреното лице ги приложува следните документи: мислење од лекарката комисија на Фондот за итноста на случајот и времетраењето на итноста, медицинска документација за извршените здравствени услуги во странство со превод од овластен преведувач, сметки (фактури) за платени здравствени услуги со фискална сметка со превод од овластен преведувач, потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување и здравствена легитимација на увид“, посочуваат од ФЗО

Во интерес на граѓаните, од ФЗО додаваат и дека најдобро е граѓаните најмалку една недела пред патување да поднесат барање, со цел лекарската комисија на Фондот да има време да го разгледа барањето и да ја донесе одлуката.

Како што и години наназад Зоран Стојановски вади меѓународна возачка довола така направи и годинава, иако патува во Албанија. Тоа е една од осумте држави каде на носители на македонска возачка дозвола не им е потребна меѓународна. Од МВР потенцираат дека врз основа на потпишан билатерален договор македонските возачки доволи се признаени во    Република Албанија, Босна и Херцеговина, СР Германија, Република Италија, Република Косово, Република Србија, Црна Гора и Кралство Шпанија.

Од МВР додаваат и дека во тек се постапки за проширување на листата на земји во кои ќе биде признаена македонската возачка дозвола, односно се чека на потпишување билатерален договор. На таа листа се: Кралството Данска, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Провинција Онтарио, Канада, Државата Катар како и Обединети Арапски Емирати.

Сепак, доколку патувате во некоја од земјите со кои се уште Македонија нема потпишано билатерален договор, од МВР појаснуваат дека граѓаните можат да извадат меѓународна возачка дозвола во било која овластена станица за технички преглед.

Како и многу други граѓани и Стојановски, не знаејќи дека и во Албанија може да оди со македонска, а не меѓународна возачка дозвола го помина тој пат. Овој пат не знаењето т.е не информираноста го чинеше околу 1026 денари, покрај залудно потрошеното време.

Иако во пракса се покажува дека многу е ретко сообраќајната полиција во странство од туристите да бара меѓународна возачка дозвола истата е неопходна при сообраќајни незгоди, кога треба да се направи увид, без разлика дали другото возило ја предизвикало незгодата. Исто така, дел од осигурителните компании одбиваат да ја покријат штетата, во случај на сообраќајна незгода, ако нема официјален полициски записник и ако немате меѓународна дозвола.

И покрај договорите за социјално осигурување и признавање на македонската возачка дозвола во Албанија семејствотот Стојановски потроши и време и пари на собирање документација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни