Кипарската Влада на денешната седница одлучи да ја намали старосната граница и право на глас да имаат сите со наполнети 17 години, за што претседателот на Кипар Никос Христодулидис коментираше дека е „историски ден за демократијата во земјата“ и изрази надеж дека Парламентот набргу ќе го изгласа соодветниот закон, јави дописничката на МИА од Атина.
На почетокот на владината седница, Христодулидис рече дека денеска е важен ден за спроведување на еден од нивните најосновни приоритети, а тоа е „зајакнувањето на партиципативната демократија во земјата“, објаснувајќи дека со правото на глас од 17-годишна возраст, ќе има и автоматското запишување во избирачките списоци.
– Се надевам дека веднаш ќе одговори Претставничкиот дом, така што на следните избори, а тоа се парламентарните избори во 2026 година, нашите млади од 17-годишна возраст, ќе учествуваат во изборниот процес, како што е случај во другите земји-членки на Европската Унија, рече Христодулидис на почетокот на владината седница.
Конкретната владина иницијатива е дел од пакетот измени на изборниот законик што беа одобрени на денешната седница, а во форма на закон ќе бидат доставени во Парламентот.