Украинските ВВС објавија на социјалните мрежи дека е активирана воздушна тревога низ целата земја бидејќи е забележано полетување на руски авиони способни да носат хиперсонични ракети Кинжал што Москва ги користи во нападите.
Европските лидери почнаа да пристигнуваат во Белата куќа пред разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски за можен мировен договор со Русија.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Кир Стармер се првите што се дојдоа, откако се сретнаа со Зеленски во украинската амбасада во Вашингтон
Зеленски пристигна во Вашингтон денеска со група високи европски лидери во обид да се обезбеди цврста поддршка од САД и безбедносни гаранции како дел од евентуалното решение со Русија.
Според „Фајненшл тајмс“, се очекува делегацијата на европските „тешкаши“ да го повика американскиот претседател Доналд Трамп да се посвети на одбраната на Украина и да разјасни дали Вашингтон ќе ја гарантира безбедноста на Киев на начин споредлив со мандатот за колективна одбрана на НАТО. Притисокот доаѓа во услови на вознемиреност во Киев, Берлин, Париз и други европски престолнини поради сигналите дека Трамп можеби се усогласил со предлозите на рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната.
Трамп се сретна со Путин минатиот петок во Алјаска, состанок што предизвика тревога во Европа поради можноста од Украина да биде побарано да прифати големи територијални отстапки, вклучително и во источните региони Донецк и Луганск, како дел од договорот.
Во коментарите пред состанокот во Белата куќа, Зеленски рече: „Русија може да биде принудена на мир само преку сила, а претседателот Трамп ја има таа сила“.
Висок украински функционер изјави за „Фајненшл тајмс“ дека целта на Киев е да создаде „продуктивен процес на решавање на мирот без Украина да биде притисната да преземе невозможни чекори, како што е повлекување на силите“ од окупираните територии.
Европските лидери се особено фокусирани на извлекување обврзувачки обврски од САД што би можеле да ја гарантираат безбедноста на Украина на долг рок. Германија изјави дека видела „сигнали“ од Вашингтон што укажуваат на подготвеност да се разгледаат такви гаранции, иако официјалните лица, исто така, ги признаа спротивставените пораки од Белата куќа.