Изложба на акварели, насловена „Тишината на боемската природа -Акварелна симфонија”, беше отворена вечерва во Дом на култура ,,Иван Мазов – Климе” во Кавадарци.
Директорката на Домот, Јулијана Туриманџова рече дека акварелите на Дојчинов се работени со голема вештина и прецизност.
– Сликајќи акварели, Дојчинов ја развил леснотијата на движењата на раката за сликање на големо платно. Интересот за природата кој го покажал во оваа техника дава нови мотиви за новите генерации уметници. Акварелите кои се изложени претставуваат циклус на тематска целина во која се обработени пејзажи од родниот крај, односно Тиквешијата, па и пошироко, од градот, Тиквешкото езеро и слично. Нашата галерија е претворена во рај од овие прекрасни акварели на овој ликовен уметник и затоа драги гости денеска најдете го моментет на духовното исполнување, гледајќи ги овие прекрасни дела, подвлече Туриманџова.
Лазар Дојчинов е роден 1948 година во Кавадарци.
– Талентот што го носи во себе од детството го надоградува низ годините, за потоа да продолжи да ги усовршува тајните на сликарските техники. Од сликарските техники тој гаи најголема наклонетост, опсесија и љубов кон акварелот, а од 2004 година работи акрил и масло на платно. Низ годините наназад има реализирано голем број самостојни изложби во земјата и во странство, има учествувано и на неколку групни изложби и ликовни колонии кај нас и надвор од нашата држава, истакна Туриманџова.