Во Јапонија постојат професионалци што даваат отказ наместо вас: Зошто оваа услуга станува сѐ попопуларна?

Во Јапонија сѐ повеќе се користи услуга каде професионалци даваат отказ наместо вработените, избегнувајќи стрес и директна конфронтација со претпоставените.

Во Јапонија последниве години се развива необична, но сѐ побарана услуга – специјализирани компании и адвокатски канцеларии кои во име на вработените даваат отказ. Наместо работникот лично да се соочи со своите претпоставени, овие „заменици за отказ“ стапуваат во контакт со компанијата, ја пренесуваат одлуката за напуштање на работното место и преговараат за условите на раскинување на договорот, како што се отпремнината или неискористените слободни денови.

Како што пренесува РТС, за надомест од околу 120 до 150 евра, клиентите се поштедени од непријатни разговори, расправии и психолошки притисок што често го следат чинот на давање отказ. Овие услуги опфаќаат и утврдување на датумот на престанок на работниот однос, како и дополнителни преговори со раководството доколку е потребно.

Овој феномен е дел од поширок општествен тренд во Јапонија, префрлање на непријатни лични обврски кои предизвикуваат анксиозност и стрес на професионалци. Слично на агенциите за јавно извинување или посредување во меѓучовечки односи, „замениците за отказ“ се движат на границата меѓу социјалната потреба и моралната дилема.

Истражувањата покажуваат дека во 2025 година околу пет отсто од работниците кои дале отказ користеле ваква услуга. Иако процентот изгледа мал, во земја со околу 62 милиони вработени тоа значи десетици илјади случаи годишно. Компаниите што ја нудат оваа услуга често се рекламираат со ветувања за брза реакција, едноставна комуникација преку мобилни апликации и поврат на парите доколку процесот не успее.

Клиентите најчесто наведуваат чувства на срам поради брзото откажување од работата или страв дека ќе бидат доживеани како нелојални од колегите и шефовите. Според анализите, корисниците на овие услуги често се луѓе кои се чувствуваат изолирано на работното место и немаат со кого да се посоветуваат.

Околу половина од клиентите се млади луѓе во дваесеттите и триесеттите години, а дури 40 отсто од нив ја напуштаат работата во рок од една година од вработувањето. Ова укажува на јасен генерациски јаз во односот кон работата.

Помладите генерации во Јапонија сѐ помалку се подготвени да го жртвуваат здравјето и квалитетот на животот во име на компанијата, како што тоа со децении беше општествена норма. Тие тешко ја прифаќаат идеологијата на апсолутна лојалност и долги работни часови, поврзана и со поимот „кароши“ – смрт од прекумерна работа. Наместо тоа, сѐ повеќе го усвојуваат западниот, индивидуалистички поглед кој ги вреднува личното време и рамнотежата меѓу работата и приватниот живот.

Социолозите додаваат дека генерациите израснати со социјални мрежи и паметни телефони често имаат помалку развиени вештини за справување со притисокот, дисциплината и сложените меѓучовечки односи на работното место – што дополнително ја зголемува потребата од ваков тип посреднички услуги.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни