Во израелските напади врз Појасот Газа, изминатите 24 часа загинаа 51 човек, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Израел на 18 март го прекина двомесечното примирје со Хамас и оттогаш спроведува секојдневни напади врз Појасот Газа. Израелската армија ја прошири тампон зоната и го опколи јужниот град Рафа и сега под контрола држи околу 50 проценти од палестинската енклава.
Израел воведе и блокада на Појасот Газа, поради што околу два милиони Палестинци се соочуваат со недостиг на храна и на лекови. Според хуманитарните организации резервите со храна се при крај и илјадници деца се неисхранети.
Од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, 7 октомври 2023 година, вкупно загинаа 52.243 Палестинци, меѓу кои и голем број деца и жени.