Во изминатите 48 часа во областа Атика, поширокиот регион на Атина биле регистрирани четири случаи на вирусот Западен Нил, што воедно се и првите во Грција за оваа година, соопштија од Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Четирите случаи на инфекција биле дијагностицирани истовремено, а според ЕОДИ, станува збор за пациенти на возраст од над 65 години.
Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во Грција во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.
Лани, во Грција биле регистрирани 220 случаи, а од Западен Нил и починале 35 лица.