Илјадници луѓе денес излегоа на улиците на јужноевропските градови во знак на протест против прекумерниот туризам, пукајќи со водни пиштоли кон излозите на продавниците и палејќи факели во Барселона, каде што се одржаа главните демонстрации, пренесува Индекс.хр
„Празници за вас, мизерија за мене“, скандираа демонстрантите на улиците на Барселона, држејќи транспаренти со натписи како „масовниот туризам го убива градот“ и „нивната алчност ни носи пропаст“.
Демонстрантите од активистичката коалиција „Јужна Европа против прекумерен туризам“ (SET) ги здружија силите со групи од Португалија и Италија, тврдејќи дека неконтролираниот туризам предизвикува вртоглаво зголемување на цените на недвижностите и ги принудува луѓето да ги напуштат своите домови.
Барселона, град со 1,6 милиони жители, минатата година привлече 26 милиони туристи. Властите во југоисточниот шпански град соопштија дека околу 600 луѓе се придружиле на демонстрациите, некои пукале со водни пиштоли, палеле ракети и лепеле налепници на излозите на продавниците и хотелите со натпис „Туристи одете си дома“.
Рекорден број туристи
Слични протести се одржаа и во други делови на Шпанија, вклучувајќи ги Ибица, Малага, Палма де Мајорка, Сан Себастијан и Гранада. Протести во Италија се одржаа во градови како Џенова, Неапол, Палермо, Милано и Венеција, каде што локалните жители се спротивставуваат на изградбата на два хотела што ќе додадат околу 1.500 нови кревети во градот, соопштија организаторите.
Во Барселона, градските власти минатата година објавија дека ќе го забранат изнајмувањето станови на туристи до 2028 година со цел градот да биде попристапен за живеење за жителите.
„Многу ми е здодевно да бидам непријатност во сопствениот град. Решението е да се предложи радикално намалување на бројот на туристи во Барселона и да се потпреме на друг економски модел што ќе донесе просперитет во градот“, рече 38-годишната Ева Виласека на протестите во неделата во Барселона, отфрлајќи го вообичаениот контрааргумент дека туризмот носи работни места и просперитет.
Се очекува трошоците за меѓународни патувања во Европа да се зголемат за 11 проценти оваа година на 838 милијарди долари, а Шпанија и Франција се меѓу земјите што ќе примат рекорден број туристи. .